Метежот ќе потрае и летниов период Фото: Маја Јаневска-Илиева

Застојот со градежните работи при пробивањето на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош во општината Бутел веќе извесен период на граѓаните им предизвикува главоболки. Подолго време нема никакви градежни активности и работите за пробивањето на новиот булевар Христијан Тодоровски-Карпош стојат во место, а тоа, пак, ја прави сѐ уште затворена за сообраќај улицата Цетинска преку која единствено може да се растовари сиот сообраќаен метеж што сега се создава на улицата Бутелска и на кружниот тек во Бутел.
На овој потег градежните работи требаше да завршат уште во април, па токму затоа граѓаните се нервозни бидејќи работите се одолжија. Од градот велат дека затекнале изведбен проект за спојување на фекалната и на атмосферската канализација со постојната подземна инфраструктура на улицата Цетинска и сега не можат да го менуваат. Затоа ќе мора да се реализираат привремените сообраќајни решенија до завршување на работите кон крајот на летото.
Граѓаните се постојано заглавени во метежот, било да влегуваат или да излегуваат од Бутел. Овој проблем кулминира особено во периодите од денот кога е зголемена фреквенцијата на возила, односно во утринските и во доцните попладневни часови. Граѓаните се незадоволни од темпото на работата и коментираат дека овој проблем мора да се реши што побрзо, за да не заглавуваат во своите возила. Поради застојот на градежните работи на улицата Цетинска, при движење кон Радишани и од Радишани кон центарот на градот граѓаните секојдневно заглавуваат во големи колони од автомобили на улицата Бутелска.

– Улицата Цетинска поради градежни работи е затворена навистина долго време и секојдневно кога одиме или се враќаме од работа заглавуваме во огромен сообраќаен метеж. Никој не се грижи побрзо да се заврши работата и да се растовари сообраќајот тука и по кракот на оваа улица кај подвозникот кај социјалните згради во Скопје Север – вели Марија Крстевска од Бутел.
Исто така и особено за време на викендите се создава сообраќаен метеж и на локалниот кружен тек, особено кога голем број граѓани се упатуваат кон градските гробишта во Бутел.
Надлежните од градот Скопје објаснуваат дека во согласност со изведбениот проект во оваа фаза на реализацијата на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош треба да се изведе спојување на атмосферската и на фекалната канализација со постојната подземна инфраструктура на улицата Цетинска и поради неусогласеноста на проектните решенија и изведбените активности, работите се одолжени. Од градот додаваат дека изведбените решенија се затекнати и претходно изработени, па привремените сообраќајни решенија се единствен начин на движење на возилата во овој реон, сѐ додека целосно не се реализира проектот, на крајот на летото.
Со завршувањето на градежните работи, ќе се направи поврзување на вториот крак од пробиената сообраќајница Христијан Тодоровски-Карпош, која стигнува сè до улицата Натанаил Кучевишки, а потоа останува да се заврши и третата фаза, која ќе се движи од оваа улица до скопската обиколница.