Фото: Маја Јаневска-Илиева

Доколку на граѓаните не им пристигнало решението за данок на имот, тоа секако не значи дека тие не треба да ја намират нивната обврска кон Градот, што е случај и за која било друга сметка, велат градските власти

И ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА, НЕКОИ ГРАЃАНИ НА СКОПЈЕ ЌЕ МОРААТ НА ШАЛТЕРИ

Во услови на пандемија предизвикана од коронавирус, која дополнително е усложнета со појавата на новиот сој на вирусот, жителите на метрополата, за да го добијат своето решение за данок на имот, мора да одат во бараките на градот, бидејќи решенијата не им се пристигнати на домашната адреса.
Градските власти уште минатата година ги испратија решенијата за данок на имот за 2020 година, па дилемата зошто кај голем број граѓани не се пристигнати останува неразјаснета.
Велат дека данокот мора да се плати, но не знаат што да преземат во овие услови. Од една страна, не сакаат да си го ризикуваат здравјето, од друга, пак, мора да ги земат решенијата за да се спасат од главоболките предизвикани од неплатениот данок на имот.
Градот уште во март минатата година почна со доставата на решенијата, но иако е помината речиси цела година откако надлежните почнаа со доставата, некои жители сепак не ги добиле решенијата.

– Не знам каде е проблемот. Знам дека постои опција да одам во бараките на Градот и да добијам решение, но, сепак, штом се испраќаат на домашна адреса би сакал да можам да го добијам решението. Во ситуација кога владее вирус, не сакам непотребно да се изложувам себеси на ризик да се мешам со луѓе и да одам во бараките за да го подигнам решението – вели Михајло Димовски, жител на Скопје и сопственик на куќа.
Тој вели дека не е корисник на интернет, не знае како да го регулира тоа електронски, но би сакал што побрзо да го реши овој проблем за да не изуми и потоа да се соочи со присилна наплата.
– Јас сум постар човек, не користам интернет и социјални мрежи. Досега секоја година решението ми доаѓало на домашна адреса, затоа годинава сум изненаден што не е пристигнато. И не сум само јас. Решение нема ниту кај соседите, ниту пак кај голем број пријатели и познаници. Најверојатно е некој поголем проблем, дали е до поштата, навистина не знам – вели тој.

Градските власти велат дека уште во март ги испратиле решенијата за данок на имот.
– Град Скопје секоја година во март ги подготвува и доставува решенијата за данок на имот за соодветната година. За доставување на решенијата, Град Скопје ги користи услугите на „Македонски пошти“, кои се задолжени да ги достават решенијата. Доколку граѓаните не ги добијат решенијата, за повеќе информации може да се обратат во Секторот за даноци и комунални такси на Град Скопје, или електронски на следниот линк https://danoci.skopje.gov.mk/gskopje/root/public/login.xhtml – информираат оттаму.
Сепак, велат дека данокот мора да се плати и дека тоа е обврска на граѓаните.
– Доколку на граѓаните не им пристигнало решението за данок на имот, тоа, секако, не значи дека тие не треба да ја намират нивната обврска кон Градот, што е случај и за која било друга сметка – велат градските власти.

[email protected]