Фото: Игор Бансколиев

Во 2021 година ќе се фокусираме интензивно на инфраструктурата, имајќи предвид дека во комуникација со централната власт и нашите планови верувам дека ќе биде добра и успешна година, истакна Беџети

ИНТЕРВЈУ СО ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ОПШТИНА САРАЈ, БЛЕРИМ БЕЏЕТИ

Во интервју за „Нова Македонија“, градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, говори за изминатата 2020 година, како и за предизвиците да се работи во услови на пандемија. Исто така, ги нагласува проектите што се реализирани минатата година, но и она на што ќе биде фокусот во 2021 година.

Како ќе ја оцените измината година како градоначалник?
– Изминатава година не беше лесна, имајќи ја предвид пандемијата предизвикана од ковид-19, како во нашата држава, така и во и целиот свет, но сепак ние како локална власт не сме престанале со нашите активности и можам да ја оценам како успешна година бидејќи покрај овие здравствените проблеми, сепак не сме имале застој во проектите што ги имавме испланирано за 2020 година.

Што ќе издвоите како најголем проект реализиран во 2020 година?
– Ако би избрал најголем проект, не би се осврнал на еден. Има неколку што се значајни за општината и за граѓаните на Општина Сарај. Пуштена е во употреба втората градинка во нашата општина, поточно покрај градинката во Сарај, сега функционира и градинката во населеното место Кондово. Започната е изградбата на поликлиниката во Сарај и на многу други инфраструктурни проекти што се многу значајни за граѓаните на нашата општина. Но исто така, во делот на приватните инвестиции, во 2020 година веќе се вршат подготвителните работи за викенд-населбата, која можеби е прва во нашата држава, чии работи се во тек, додека во 2021 г. ќе биде одобрена за градба што ќе придонесе за поголем развој во нашата општина. Во текот на 2020 година се почнати два големи проекта, односно завршивме со првата фаза на системот за водоснабдување на населените места Рашче, Копаница, Бојане, Ласкарци, Буковиќ и во иднина Семениште и Чајлане. Односно започната е работата за резервоарот во Рашче во втората фаза, бидејќи се обезбедени средствата со Министерството за транспорт и врски, а истовремено работиме на понатамошниот проект, со кој ќе обезбедиме нов проект што би помогнал да се реши овој проблем, кој е долгогодишен за граѓаните што живеат во овие населени места во Општина Сарај.

Која е вашата најголема новогодишна желба како градоначалник?
– Јас како градоначалник, на сите граѓани на општината, администрацијата, советниците, во новата година им посакувам многу здравје и успеси, во овие тешки времиња мора да мислиме позитивно, имајќи предвид дека вакцината е веќе во оптек во некои држави, да се надеваме дека оваа здравствена ситуација ќе се реши, за да можеме што побрзо да се вратиме во нормала.

Што ќе посакате за вас и општината за 2021 година?
– Во 2021 година посакувам да се финализира проектот за езерото Треска, очекувам Владата да ја прогласи за слободна туристичка зона, имајќи предвид дека се завршени сите постапки. Bо 2020 година советот на Општина Сарај го усвои урбанистичкиот план за оваа намена и посакувам овој проект, кој е многу значаен и на кој работевме макотрпно со години за да стигнеме до овој момент, да се заврши, а исто така посакувам да почне реализацијата на овој проект.

На што ќе се фокусирате во 2021 година?
– Во 2021 година ќе се фокусираме интензивно на инфраструктурата, имајќи предвид дека во комуникација со централната власт и нашите планови верувам дека ќе биде добра и успешна година, а имаме и многу проекти што ќе ги реализираме во 2021 година. Можам да го издвојам проектот за асфалтирање и реконструкција на локалниот пат во Бојане, од Буковиќ до Раовиќ, од Сарај до влезот во Крушопек, односно до влезот на паркот во Сарај, Спортската сала во Рашче, ќе ги следиме работите во поликлиниката и многу други значајни објекти за развојот на Општина Сарај. Исто така, работиме да привлечеме дополнителни инвестиции во приватниот сектор, каде што очекувам и во 2021 година да има ваков вид инвестиции, имајќи предвид дека се завршени неколку постапки и другите што ќе почнат во 2021 г., како што ги имаше и во претходните години, кои ќе придонесат за повеќе работни места и за развој на општината. Ова би помогнало за и ние, на некој начин, да придонесеме, освен за развојот на нашата општина, и за државата, во овие времиња кога сите се соочуваме со пандемијата.

Што ќе им посакате на граѓаните на вашата општина за наредната година?
– Мислам дека со новогодишната желба како градоначалник на некој начин кажав што посакувам за граѓаните на нашата општина во наредната година, мислам дека тоа е најзначајно во овој период, да работиме сите заедно во интерес на развојот на нашата општина за нашите граѓани. Кога работиме заедно, сме посилни и можеме да придонесеме за побрз развој.

[email protected]