Повратни вендинг машини за пластични и стаклени шишиња ќе бидат поставени во Центар во 2020 година, со цел да ги мотивираат жителите да се вклучат во процесот на рециклирање, најавија ЈП ПОЦ и општина Центар.

Директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, најави дека до крајот на 2020 година ќе бидат поставени 27 повратни вендинг машини кои локациски ќе бидат распределени низ целата територија на општина Центар.

– Веќе се набавени 9 машини од планираните 27 и ќе започнеме со нивно поставување на почетокот на месец март. На овој проект работиме повеќе од една година и сметам дека ќе има големо влијание не само на развојот на нашето претпријатие, туку и за подигање на свеста кај граѓаните од потребата за рециклирање – рече Кичевски.

Сите жители кои ќе се вклучат во процесот на селективно одложување отпад ќе добијат субвенции од општината во замена за пластични и стаклени шишиња односно за секое шише ќе добијат одреден прилив на пари на новата платежна картичка „Green Pay Card“ со која ќе имаат можност да купуваат со попуст во одредени маркети, продавници, локали и сл, или да плаќаат за услугите кои ги нуди претпријатието.

– За овој проект општина Центар има предвидено субвенции во буџетот за 2020 година и за секое рециклирано шише се обезбедени 1,5 денари, а воедно обезбедени се и средства за останатите 18 повратни вендинг машини. Се надевам дека овој позитивен пример ќе биде еден почеток во кој понатаму ќе се вклучат и другите општини, институции, како и приватни компании, сè со цел општината, градот и Република Северна Македонија да ги направиме поубаво место за живеење – додаде градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Кичевски најави и воведување на мрежен систем за автоматска наплата за отворените и затворените паркиралишта со кои стопанисува со цел да се зголеми контролата и безбедноста на паркиралиштата. Овој мрежен систем вклучува АНПР камери (камери за автоматско препознавање на регистарски таблички), сензори и мобилни АНПР камери кои ќе овозможат точна идентификација на возилата и ефикасна контрола и управување со пристапот од сите влезови на паркиралиштата.

– Колку за илустрација, според првичните проценки на територија на општина Центар ќе бидат поставени отприлика 1500 камери во рок од 3 до 4 години. Овој проект значи врзување на цела мрежа од камери со што буквално ќе го имаме Центар на дланка. За жал, поради законските нормативи, ЈП ПОЦ нема да може да чува снимки од камерите, но се надеваме дека по воспоставување на мрежата, сите релевантни институции ќе се вклучат во проектот и со тоа ќе можеме безбедноста во централното градско подрачје да ја кренеме на едно сосема ново ниво – објасни директорот на ЈП ПОЦ.