Град Скопје денеска соопшти дека се уште трае Конкурсот за пријавување за наградата „13 Ноевмри“, што беше распишан во јуни. 

– Пријавите за наградата со образложение и кратка биографија се поднесуваат до Одборот за доделување на наградата заклучно со 10 септември 2018 година (архива–барака број 16 на Град Скопје, бул.„Илинден“ бр. 82, Градски парк) – наведоа од Град Скопје. 

Наградата „13 Ноември“ на Град Скопје се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Градот Скопје за остварувања, во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштита и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на градот Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Република Македонија и во светот.

Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот.

Исто така, Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности што преставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Градот Скопје.

Наградите ќе бидат врачени на пригодна свеченост на 13 ноември, кога се одбележува Денот на ослободувањето на градот.