Преку целосна санација на тоалетите, дел од санитарната опрема и инсталациите, започна етапната реконструкција на детската градинка „Мајски цвет“, во Тафталиџе 1. Станува збор за еден од најстарите објекти на градинки во Карпош, кој со децении не беше обновен. По санацијата на тоалетитe, следува замена на сите прозорци и врати на објектот, со што ќе се зголеми енергетската ефикасност на градинката, а ќе се намалат и трошоците за загревање. На крајот ќе следува и целосна обнова на покривната конструкција, подот и фасадата.

– Иако како локалната самоуправа извесен период сме во потешка финансиска состојба, сепак се одлучивме за фазна реконструкција на оваа предучилишна установа, имајќи ги предвид лошите услови на објектот. Доколку сѐ уште траат градежните активности, а дечињата почнат да ја посетуваат градинката, ќе бидат сместени во другите објекти на „Мајски цвет“ – објаснуваат од Општина Карпош.
Надлежните информираат дека за реконструкцијата на „Мајски цвет“ одвоиле пет милиони денари од буџетот за 2020 година, додавајќи дека овој проект беше дел и од изборната програма на градоначалникот Стефан Богоев, за локалните избори во 2017 година.

– Детската заштита и унапредувањето на предучилишното образование се области во кои локалната самоуправа постојано инвестира. Како во подобрување на инфраструктурниот дел и овозможување подобри услови така и во развивање програми за поинклузивно предучилишно образование и развој на когнитивните вештини кај најмладите – велат од Карпош.