Бучавата предизвикана од цепење дрва, по игра на случајности, се случува во текот на времето предвидено за одмор / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Несогласувања, конфликтни ситуации, нетрпеливост, па дури и инцидентни ситуации се сѐ почести како асоцијални појави во метрополата, па и пошироко. Долготрајноста на кризните состојби и слоевитоста на поделеноста на граѓаните по повеќе основи, а во последно време и корона-кризата, доведоа до тоа некогаш мирните скопски маала и традицијата на градски и граѓански соживот да биде нагриена од последиците на споменатите кризни состојби и рецесија. Јавните гласила регистрираат дека до надлежните институции пристигнуваат сѐ повеќе пријави за инцидентни ситуации меѓу соседите, некогашни блиски пријатели или меѓу познаници. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Секторот за внатрешни работи – Скопје постапува по сите пријави од страна на граѓаните во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир

ЖИВОТ ВО ЗАЕДНИЧКИ ДВОРОВИ БЕЗ МЕЃУСЕБНА КОМУНИКАЦИЈА

Конфликти и караници, а честопати и инциденти, се доста честа слика во метрополата кога станува збор за семејните домови каде што две фамилии делат ист двор, а кои со години живеат раскарани меѓусебно. Во ваквите куќи, каде што блиски роднини делат ист покрив, но не комуницираат меѓусебно, најчесто дворовите се заеднички, па жителите се принудени да се избегнуваат кога поминуваат и да го вртат погледот. Децата, кои најчесто се братучеди, не смеат да комуницираат затоа што им забраниле родителите, па и покрај тоа што сакаат да се дружат, задолжително се прекоруваат кога и да тргнат едни кон други.
И сето тоа не е спорно сѐ додека не се појават вистинските проблеми, кои секогаш едната страна ги предизвикува, а другата мора да трпи. Па, потоа обратно, бидејќи „втората страна не сака да остане должна“… Примери има во сѐ поголем број, но тие се само доказ и последица на една подолготрајна состојба што мора да се реши системски или подолго да се работи на ваквите појави, бидејќи сами по себе тие генерираат наелектризирана атмосфера и пошироко во општеството, во локалната средина, но, како што велат социолозите, тоа станува и „тренд“ на ниво на држава.

За жал, обичните работи почнаа да стануваат „капка што ја прелева чашата“

Бучавата предизвикана од цепење дрва и од работење со бормашини постојано, по игра на случајности, се случува во текот на времето предвидено за одмор и само додава масло на огнот, кој кај едната страна тлее долг временски период.
Па, така, решавањето на проблемите најпрво почнува со разговор помеѓу носителите на крвната роднинска врска, но кога работите не се менуваат и едната страна упорно продолжува по старо, случаите се пријавуваат во полиција. Кога и по интервенцијата на полицијата нема никакво подобрување на ситуацијата, се случуваат караници и инциденти, кои, според билтените, некогаш имаат и трагичен епилог.
– Живееме во една куќа на два ката со чичко ми, меѓутоа повеќе од дваесет години воопшто не контактираме меѓусебно. Неговата сопруга и син постојано наоѓаат начини да нѐ тероризираат. Кога ќе видат дека ги заспивам децата (а тоа го знаат затоа што ги спуштам ролетните), во тој момент веднаш почнуваат да трескаат одгоре, да бучат со разни алати, независно дали е бормашина или косилка за трева.

Бидејќи дворното место е заедничко, задолжително косат трева под прозорецот каде што спијат децата…. Важно е да ни го нарушат мирот и да ни создадат проблеми, особено затоа што син ми се плаши од таквите звуци. Постојано им укажуваме, но се чини дека нема никаков ефект. Кога и да споменам дека ќе пријавам во полиција, татко ми се лути, бидејќи станува збор за негов брат, па останувам со заврзани раце – вели Елена Трајановска, жителка на Бутел.
Тоа не е прв таков случај. Проблеми имаат и жителите на станбените објекти. Во скопската населба Синѓелиќ, Славица, која живеела во една од зградите во населбата, вели дека постојано слушала караници помеѓу брачна двојка, но бидејќи не можела многу да влијае на нивното однесување, го продала станот и се преселила оттаму.
– Почнав да станувам анксиозна, затоа што речиси секоја ноќ слушав врескање, трескање, плачење… Имаа проблем со алкохол и навистина беше страшно да се слушаат постојаните расправии помеѓу нив. На крајот се одлучив да го продадам станот, затоа што квалитетот на животот ми опадна слушајќи постојано караници – вели таа.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека Секторот за внатрешни работи – Скопје постапува по сите пријави од страна на граѓаните, во согласност со Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Според членот четири од Законот, „кој со малтретирање на друг во стан ги вознемирува соседите, со што ќе предизвика интервенција на полицијата, ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 400 евра во денарска противвредност“.
Санкциите за оние што уживаат во гласно пеење и слушање музика, но и во силниот звук на моторите, во периодите предвидени за одмор, односно од 15 до 18 часот и по 23 часот, се движат од 200 до 500 евра.

Другата страна на медалот

Една народна мудрост вели оние што не се расправаат, тие не се ни сакаат. Во тоа има многу вистина – се истакнува еден многу важен аспект во начинот на градењето и развојот на релациите меѓу луѓето. Меѓутоа, како што велат социолозите, некој може да праша ако нема расправии и конфликти, зарем треба сами да ги создаваме. Ако сè функционира добро, не значи ли тоа дека општеството функционира многу добро? Науката истражувала и докажала дека најдобра ефикасност се постигнува со оптимално ниво на конфликти. Да има, но да бидат конструктивни, а не насилни или непродуктивни. Токму поради ваквата ситуација, мудрите Кинези за зборот „конфликт“ имаат два симбола во своето знаковно писмо: значењето на првиот симбол е конфликт-опасност, а на вториот конфликт-можност. Во основа, конфликтите во себе носат два огромни потенцијали. Ако не се управуваат и насочуваат правилно, конфликтите може да претставуваат страшна опасност – да создадат деструкција, насилство и уништување.

Но во истата конфликтна ситуација, покрај големата опасност, истовремено лежи и огромна можност! Во конфликтот постои потенцијал она за што се дискутира да се види од поинаков агол, да се слушне различно мислење, да се согледа одредена слабост, да се научи нешто ново, да се добие поквалитетен меѓусебен однос кај луѓето, соседите, пријателите и поранешните пријатели и познаници да се надградат и да носат просперитет и благосостојба.
На Балканот живееме во средина каде што вештините за управување и канализирање на конфликтите се речиси еднакви на нула. Ние во Македонија особено го чувствуваме тоа. Тоа ни се одразува и низ историјата, тоа е актуелно и денес. Но ако почнеме од себе, од своето семејство, од најблиската околина, работите ќе почнат да се менуваат. На подобро. Тоа е и во основа целта на овој напис.

[email protected]