Снежана Калабакова

Хигиената во некои автобуси вклучени во јавниот градски превоз е под секое ниво. Валкани седишта, извалкани патосници, прозорци што не се избришани којзнае од кога, а преполни прашина и валканици се и ѕидовите од внатрешноста на возилата. Некои возила навистина можат да бидат извор на заразни болести, бидејќи секој патник мора да ги допре валканите држачи. Ваквите возила којзнае кога последен пат биле исчистени со некакво дезинфекциско средство.

Поради валканата внатрешност на возилата, патниците влегуваат со чиста, а излегуваат со извалкана облека, па мораат извалкани да се појават на работните места или така валкани се враќаат дома. Гневни, патниците не знаат ниту кому, ниту каде да се обратат и да ги пријават ваквите состојби. За најнечисти ги прогласуваат неколку приватни возила што сообраќаат на линијата со бројот 19. На оваа линија возат автобусите на приватното претпријатие „Макекспрес“, па токму затоа ги побаравме одговорните да ни дадат одговор во врска со овие состојби. Оттаму велат дека за хигиената на возилата се одговорни нивните сопственици и возачите, а не претпријатието. Но признаваат дека е евидентно дека никој не ја контролира хигиената на возилата и сѐ е оставено на нивната совест. Дезинфекциско средство за чистење на внатрешноста, велат од претпријатието, користат по препорака на одредени инспекции во неколку наврати во зимскиот период. Граѓаните прашуваат зошто не реагираат градските инспектори, бидејќи јавниот превоз е под ингеренции на градот.

Одговорни за хигиената секако се и граѓаните. За жал, има уште такви што несовесно се однесуваат, па своите остатоци од храна ги фрлаат во возилата. Дури и во поновите автобуси може да се видат фрлени хартии, лушпи од семки или сончоглед. Чкртаниците се неизбежен декор, па сето тоа заедно ја создава лошата слика за хигиената во автобусите. Јавното сообраќајно претпријатие има сопствени сервисни станици за одржување на хигиената, како во внатрешноста на автобусите така и надворешно. Но приватниците велат дека не се договорно овластени да ги користат нивните, па затоа самите треба да водат сметка каде и кога ќе ги исчистат возилата.
– Одговорноста е индивидуална на сопственикот на автобусот или на возачот. Тој самиот треба да види по завршувањето на денот дали треба да го исчисти возилото. Автобусот утредента треба чист да се појави пред патниците. За жал, и ние го евидентираме ова и освен што праќаме предупредувања, ништо друго не можеме да преземеме. Во овој дел немаме можност да ги санкционираме несовесните возачи или сопственици на возилата. Тие од нас добиваат само работа. Би било добро кога во соработка со медиумите би можеле повеќе да апелираме за почисти автобуси – вели Војо Велевски, еден од основачите на „Макекспрес“.

Но за да бидат автобусите чисти и внатрешно да се исчистат, нивните сопственици треба да издвојат 1.000 денари, додека за надворешно да ги измијат во некој сервис треба да платат 500 денари. Наместо овие пари да ги издвојат, тие ги ставаат во џеб на сметка на здравјето на патниците. Скопјани што секојдневно го користат јавниот градски превоз се прашуваат има ли некој надлежен што води сметка за тоа на кое ниво е хигиената во автобусите. Има ли кој да ги санкционира сопствениците на возилата што не се исчистени, колку пати дневно, неделно треба да се чистат, каде се пријават ваквите возила и како?!