Одржливи иницијативи бара помош од граѓаните на Скопје да ги идентификуваат не толку познатите музеи во Скопје и околината.

Со интернет анкета на тема „Музејот кој само вие го знаете“, Здружението на граѓани Одржливи иницијативи од Скопје преку социјалните медиуми бара од граѓаните да помогнат во идентификување на музеи кои не се толку познати на јавноста.

Анкетата се спроведува во рамките на проектот „Скриените музеи на Скопје“, со кој ќе се изработат напатствија за само-водечка културна, велосипедска прошетка по не толку познатите музеи на Скопје и околината.

– Предвидено е да се одредат две велосипедски рути, едната во централното градско подрачје, а другата во периферијата на Скопје, со што би се опфатиле што е можно повеќе музеи – вели Мери Бакалова, координатор на проектот.

Повикот е отворен за сите кои знаат за музеј кој не е толку познат за јавноста, а тоа може да бидат дел од јавни установи, компании или во сопственост на приватни лица. А оваа информација може да ја остават на формуларот на сајтот на Одржливи иницијативи: www.inicijativi.org.mk.

– Проектот промовира самоводечки туризам кој наназад со години е популарен во светот, а кај нас е во раните почетоци. Тоа е тип на туризам кој се повеќе се бара токму со оглед пандемијата на коронавирусот. Лицата со помош на мапа и пишани или аудио напатствија се движат самите до локалитетите со што се одбегнува групирање и потенцијалот за зараза – вели Бојан Ранташа, советник за велосипедски туризам.

Проектот е поддржан од страна на Министерството за Култура и Град Скопје, а се спроведува во соработка со Музејот на Град Скопје.