Започнува меѓународниот фестивал на комедијата „Гола месечина“ во општината Аеродром. Граѓаните и годинава ќе имаат можност по шести пат да го проследат фестивалот на комедијата „Гола месечина“, кој ќе се одржува од втори до деветти септември. Претставите ќе можат да се проследат во спортскиот центар „Ново Лисиче“, секој ден од 20 часот, а влезот е бесплатен.

– Фестивалот „Гола месечина“ игра важна улога во развојот на културниот живот во општината Аеродром и е наш заштитен знак. Токму затоа од буџетот издвоивме 1.200.000 денари и логистички му помогнавме на организаторот „Театар комедија“ успешно да го реализира овој сѐ попопуларен настан во нашата општина – вели градоначалникот на општината Аеродром, Златко Марин.

Директорот на „Театар комедија“, Сашо Ристовски, најави дека и годинава на фестивалот ќе има квалитетни претстави. Покрај дел од македонските театри, со свои комедии ќе настапат и театрите од Ниш, Србија, и од Загреб, Хрватска.
„Гола месечина“ има натпреварувачки карактер и традиционално ќе бидат доделени награди избрани од тричлено меѓународно жири.

– Ги покануваме љубителите на комедијата од утре да бидат дел од оваа уникатна можност и од срце да се насмеат на претставите од македонската и меѓународната театарска сцена – се наведува во соопштението до општината Аеродром.