Општината Кисела Вода, во соработка со Волонтерски центар – Скопје и СУГС „Браќа Миладиновци“, реализира акција за разубавување на дворовите на дел од училиштата и градинките. Во овие есенски денови се преземаат разни активности за хортикултурно уредување на надворешниот простор од овие институции.

– Учениците од ветеринарната струка од средното училиште, дел од вработените од општината и волонтерите од Волонтерскиот центар, акцијата за разубавување на дворовите ја почнаа од општинското основно училиште „Невена Георгиева-Дуња“. За зачувување на животната средина, тие од стари автомобилски гуми создаваат саксии за нови садници и фигури за игра, кои ќе им помогнат на децата во психомоторниот развој – информираат од Кисела Вода.

Гумите обоени во различни бои најпрвин ќе бидат поставени во дворовите на ООУ „Кузман Јосифовски-Питу“ и во објектите на ЈДГ „Весели цветови“, „Синоличка“ и „Мимоза“ за да биде направен попријатен амбиент. Со акцијата исто така е планирано расчистување и на сувите есенски лисја од дворовите. По предлог од локалната самоуправа, во акцијата се вклучени и дечињата со аутизам.