Лежечки полицајци ќе го смируваат сообраќајот пред основното училиште „Војдан Чернодрински“ во Карпош. Надлежните велат дека двата нови лежечки полицајци кај „Млечен“ на улицата Дрезденска се поставени за да се зголеми безбедноста на учениците пред воспитно-образовната установа.

– На овој потег, неодамна се промени и сообраќајниот режим, при што се доминантни еднонасочните улици, чија цел е намалување на метежот и брзината на движење на учесниците во сообраќајот. Се поставија нови 300 сообраќајни знаци, како и хоризонтална сигнализација – објаснуваат надлежните од Општина Карпош.

Оттаму појаснуваат дека локалната самоуправа во изминатиот период поставила и лежечки полицајци пред повеќе основни училишта и градинки. Следува ваков тип сигнализација и пред ООУ „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4.