Успешната реализација на проектните активности од овој проект, размената на искуства меѓу тимовите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, „Водоводот Будимпешта“ и на „Аквакуст Будимпешта“ и бенефициите за граѓаните се само дополнителна мотивација за да продолжиме да се движиме во оваа насока, изјави Душко Весковски, генерален директор на водоводното претпријатие

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, по потпишувањето на меморандумот за соработка со „Водоводот Будимпешта“, пристапи кон реализација на проекти од заеднички интерес на двете претпријатија и во таа насока, но и во насока на унапредување и подобрување на услугите за граѓаните, работните процеси, како и системот во целост, „Водовод и канализација“ – Скопје, во соработка со „Водоводот Будимпешта“, изработи проект со кој, во март 2020 г., аплицираше за грант преку инструментот Вестерн Балканс грин центер (ВБГЦ), инструмент основан во Унгарија за поддршка на зелената транзиција во земјите од Западен Балкан.
Проектот насловен „Намалување на ефектите од климатските промени, зголемување на ефикасноста на водоснабдувањето, употребата на енергија, планирање реконструкции и обезбедување непрекинато водоснабдување во определени зони во Скопје, главниот град на Северна Македонија“, кој во изминатиот период се изведуваше во соработка со „Водоводот Будимпешта“, целосно финансиран преку грант од ВБГЦ во висина од околу 122.000 евра, стигна до финалната фаза од реализацијата на работните активности.
Во изминатиот период, реализацијата на проектните активности се одвиваше во неколку фази во кои беа опфатени консултативни средби, определување зона за испитување и изработка на анализи врз основа на достапни податоци. Во втората половина на месец мај започна завршната фаза, во која беа опфатени теренските активности во определената зона за испитување Трнодол и Жданец. Во овој период зоната, во која влегуваат Трнодол и Жданец, се приспособи за изведување на мерењата, со кои ќе се детектира промена на протокот на водата во системот, односно загуби на вода.

Приспособувањето на зоната се изведе со поставување специјализиран тип опрема на неколку клучни точки, преку која се овозможува детектирање на загубите на вода. Откако заврши инсталацијата на специјализираната опрема, во текот на оваа недела тимовите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, „Водоводот Будимпешта“ и на „Аквакуст Будимпешта“, пристапија кон изведување на контролните мерења во кои се опфати ноќно мерење на проток на вода во затворен систем и дневно звучно мерење. По успешното изведување на мерењето, следува изработка на извештаи и анализи во насока на зголемување на ефикасноста на водоснабдувањето, зголемување на енергетската ефикасност, намалување на загубите на вода и ефектите на климатските промени. Инсталираната опрема во зоните Трнодол и Жданец останува во сопственост на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за понатамошна употреба и продолжување на ваквиот тип мерење.
– Горд сум што и во услови на криза не дозволивме застој во работењето и продолживме со вложување напори и ресурси за подобрување и унапредување не само на работните процеси и услугите, кои се насочени кон нашите корисници, туку и кон заштита на расположливите природни ресурси, во нашиот случај водата за пиење. Успешната реализација на проектните активности од овој проект, размената на искуства меѓу тимовите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, „Водоводот Будимпешта“ и на „Аквакуст Будимпешта“ и бенефициите за граѓаните се само дополнителна мотивација за
да продолжиме да се движиме во оваа насока – изјави Душко Весковски, генерален директор на водоводното претпријатие.

Од тимот на водовод, кој работи на овој проект, велат дека нивната секојдневна работа е во насока на подобрување на услугите кон граѓаните.
– Нашата секојдневна работа е во насока на подобрување на услугите кон граѓаните, заштита на водоснабдувачкиот систем, намалување на загубите на вода, а со тоа и заштита на природниот ресурс, водата за пиење од изворот Рашче. Работните активности што се имплементираа за реализација на овој проект се од големо значење за нас, имајќи ја предвид можноста за рамена на
искуства и работни вештини, дополнување на специјализираната опрема што е во сопственост на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје и создавањето можности и услови за подобрување на водоснабдувачкиот систем, како и продолжување на соработката со компании на европско и на светско ниво во оваа дејност – посочија тие.