Од минатата недела во Клиничкиот центар функционира проектот којшто Министерството за здравство го работи заедно со Црвениот крст во кој волонтерите им помагаат на пациентите полесно да се снајдат низ кампусот, да стигнат до потребната клиника, до соодвената локација, потребното снимање, преглед или анализа. Ова го изјави министерот за здравство, Венко Филипче и додаде дека досегашниот тек на активности покажа дека пациентите навистина чувствуваат бенефит од оваа мерка.

Волонтерите се лоцирани на седум најфреквентни локации во комплексот клиники, во периодот од 8.30 до 12 часот, секој работен ден. Тие имаат поминато претходна обука за основите на првата помош, комуникација и техники за комуницирање, како и психолошка поддршка.

Во текот на обуките за проектот, волонтерите добија знаења и вештини за тоа како да го олеснат пристапот на сите лица, кои имаат потреба од помош и поддршка во наоѓање на универзитетските клиники (физичко лоцирање), административни процедури за пациенти, како и водење на сите тие кои имаат потреба од дополнителна помош во интерните одделенија (шалтери, соби за преглед, термини за прием, одговорен лекар итн).