Годинава во Македонија има една мотоциклистичка сообраќајна несреќа со смртни последици и 31 со потешки повреди. Лани имало четири сообраќајки со смртни последици и 49 во кои учесниците добиле тешки телесни повреди

Лошите навики на некои возачи и ниската сообраќајна свест придонесуваат за големиот број сообраќајни несреќи. Повеќето истражувања покажуваат дека најголемиот дел сообраќајки ги предизвикуваат возачите на автомобили, а тие неретко завршуваат и со тешки телесни повреди или смрт. Анализите покажуваат дека околу половина од настраданите се од ранливите корисници на патот, како пешаците, велосипедистите и мотоциклистите. Според студијата на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, најголем предизвикувач на несреќите во кои страдал некој со мопед или мотоцикл се возачите на автомобили и тие учествуваат со околу 90 проценти од случаите. Токму овие податоци укажуваат дека мотоциклот не претставува најбезбедно превозно средство во сообраќајот. При ова треба да се каже дека забележливо расте бројот на мотоцикли што учествуваат во сообраќајот, како на патиштата така и на градските улици, особено на скопските.

Повеќето искуства покажуваат дека пешаците, велосипедистите и мотоциклистите се изложени на поголем ризик при сообраќајни несреќи отколку другите учесници во сообраќајот, како на пример возачите на автомобили. Тие имаат поголема можност да преживеат при сообраќајна несреќа отколку пешаците, велосипедистите и мотоциклистите, кои се сметаат за ризична група. Според податоците од архивите на Институтот за јавно здравје, на глобално ниво 49 проценти од сите смртни случаи во сообраќајот се токму пешаците, велосипедистите и мотоциклистите.

Според Министерството за внатрешни работи, годинава за осум месеци на подрачјето на градот Скопје се случиле 109 сообраќајни незгоди во кои учествувале мотоциклисти, а минатата година имало 208 сообраќајни несреќи од таков тип.

– Од почетокот на годинава, заклучно со 31.8.2019, на подрачјето на градот Скопје се случила една сообраќајна незгода со мотор со смртни последици. Во изминатата година се случиле четири сообраќајни незгоди со смртни последици – велат од МВР.
На многумина сѐ уште им се свежи сеќавањата од септемвриската страшна сообраќајка на излезот од Велес, во која беа тешко повредени двајца тинејџери. Од првичниот увид на полицијата, се констатирало дека дошло до мал контакт помеѓу двата мотора, при што возачите ја загубиле контролата. Едниот од нив, лизгајќи се по асфалтот, се забил во задните тркала на камион што возел пред нив. Друг случај годинава е тешката сообраќајна несреќа што се случи во април, кога еден моторџија загина, а другиот заврши без нога и со тешки повреди.

Според студијата за анализа на безбедноста на ранливите категории на учесници во патниот сообраќај во Македонија на РСБСП, во најголем број сообраќајни незгоди со мопед или мотоцикл настраданиот имал лесна телесна повреда, во 80,8 отсто, а тешка телесна повреда во 19,2 отсто од сообраќајните несреќи.

Податоците од МВР покажуваат дека годинава се случиле 31 сообраќајна несреќа со тешки телесни повреди и 109 сообраќајни несреќи со телесни повреди во кои учествувале мотоциклисти, додека, пак, минатата година имало 49 сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и 155 сообраќајни несреќи со телесни повреди. Случувањата и податоците само упатуваат на потребата од поголема внимателност и почитување на сообраќајните регулативи, но и поголема внимателност кон мотоциклистите како учесници во сообраќајот и ранлива група.