Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ повторно упати апел за рационално трошење на водата за пиење. Поради зголемената потрошувачка за време на топлотниот бран што го зафати Скопје, претпријатието дополнително веќе ги вклучи четирите бунари, кои ја покриваат потрошувачката во овој период. Претпријатието апелира до граѓаните да ги полеваат дворовите и другите поголеми површини по 22 часот.

„Водовод и канализација“ летово веќе неколкупати апелира за рационално трошење на пивката вода, бидејќи таа се троши и за што треба и за што не треба.
– Апелираме до сите граѓани рационално и внимателно да ја користат водата, a наедно и ги замолуваме да го избегнуваат непотребното трошење на водата за полевање дворови и поголеми површини, односно тоа да го прават по 22 часот – се вели во апелот на ЈП „Водовод и канализација“.

Но не само граѓаните, пивка вода за полевање на парковите трошат и некои од скопските општини, кои иако имаат проекти за изградба на бунари за наводнување на зеленилото со подземни води, сепак најголем дел од нив за полевање го користи водоводниот систем. Со бунарска вода комплетно се полева зеленилото во Аеродром, како и дел од Градскиот парк.