Фото: Игор Бансколиев

Досега, со цел да одговорат на барањата на Агенцијата за храна и ветеринарство, во согласност со законот, производителите на пакувани води ги правеа анализите во лаборатории акредитирани во соседните земји (Србија и Грција). Отсега, со проширувањето на методите за тестирање, првпат во нашата земја сите водоводи и производители на пакувани и минерални води ќе го испитуваат квалитетот на своите производи во акредитираните лаборатории на ЈП „Водоводи и канализација“ – Скопје. Испитувањата ќе се изведуваат со најсовремена опрема, преку склучување годишни договори за соработка, истакна Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола

УШТЕ ЕДНА НОВИНА ВО ВОДОВОДНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ

Првпат во земјава квалитетот на пакуваните минерални води ќе може да се испитува со најсовремена опрема во лабораторијата на јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје. Тоа, всушност, значи дека сите производители на минерална амбалажирана вода отсега, наместо во странство, амбалажираната вода ќе можат да ја тестираат во лабораторијата на водоводното претпријатие.

ИСПИТУВАЊЕ СО НАЈСОВРЕМЕНА ОПРЕМА

Секторот за санитарна контрола при ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, во рамките на ИСО 17025, на почетокот на месец мај 2021 г., со последната надзорна посета на Институтот за акредитација на Македонија, направи проширување во методите за тестирање. Со тоа се зголеми бројот на акредитирани методи во делот на хемиските лаборатории во рамките на методот јонска хроматографија, анализа на земноалкални и алкални метали, алкалитет и дел од тешките метали, со што се овозможува подетално утврдување на квалитетот на испитуваните примероци.
Проширувањето на методите во рамките на ИСО 17025, потврдено од ИАРСМ, создаде можности и услови покрај водоводите во земјата, контролата на своите производи да ја вршат и сите производители на пакувани минерални води во акредитираните лаборатории што се дел од Секторот за санитарна контрола.
– Досега, со цел да одговорат на барањата на Агенцијата за храна и ветеринарство, во согласност со законот, производителите на пакувани води ги правеа анализите во лаборатории акредитирани во соседните земји (Србија и Грција). Отсега, со проширувањето на методите за тестирање, првпат во нашата земја сите водоводи и производители на пакувани и минерални води ќе го испитуваат квалитетот на своите производи во акредитираните лаборатории на ЈП „Водоводи и канализација“ – Скопје. Испитувањата ќе се изведуваат со најсовремена опрема, преку склучување годишни договори за соработка – истакна Билјана Петровска, раководителка на Секторот за санитарна контрола.

МОЖАТ ДА СЕ ТЕСТИРААТ СИТЕ ВИДОВИ ВОДА

Контролата организирана на овој начин придонесува за исполнување на законските норми што се предвидени во рамките на Законот за безбедност на храна 64/18, како и Правилниците за безбедност на водата за пиење бр. 183/18 и на Правилникот за пакувани и минерални води бр.184/18.
– Со оваа активност покажавме дека сме функционална лабораторија што го одржува ИСО 17025 на високо ниво, со тенденција за негово постојано унапредување и можност за анализа на примероци од вода за пиење, површинска вода, сите видови отпадна вода, како и пакувана минерална вода во областа на хемијата и микробиологијата, во согласност со законските рамки на сите споменати видови. Исто така стоиме на располагање на државните органи и институции да ги ставиме во функција сите потенцијали за поквалитетен надзор и спроведување на законот во областа на водите, како и соодветните директиви на Советот на ЕУ, кои се во сила или ќе се спроведуваат во периодот што доаѓа – додаде Петровска.

Она што е значајно во овој случај е тоа што фирмите производители во земјава повеќе нема да прават дополнителни финансиски трошоци за да ги тестираат своите производи. Компаниите за производство на пакувани и минерални води со потпишување договор за соработка ќе можат анализите за квалитетот на водата да ги прават токму во акредитираните лаборатории на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, кои се составен дел од Секторот за санитарна контрола. Имајќи го предвид нивното долгогодишно искуство, како и точно определените места за примероци за тестирање, земањето на примероците останува обврска на тимовите што работат во рамките на компаниите производители, а изведувањето на анализите ќе се изведува во лабораториите на Секторот за санитарна контрола.
Во однос на водоводите од преостанатите градови во нашата држава, обезбедена е можност за изведување дополнителни анализи преку методи за кои нивните мониторинг-лаборатории, кои работат под надлежност на регионалните центри за јавно здравје, не се акредитирани.
Оваа услуга може да се изврши со поднесување соодветно барање за истото тоа.

[email protected]