Фото: Игор Бансколиев

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, поддржано од Владата на Република Македонија и од основачот Град Скопје, е добитник на втората (сребрена) награда на „Наградите за одржливост 2020“, за проектот „Пречистителна станица за отпадни води – Скопје“. Изборот е во организација на Европската банка за обнова и развој, која повеќе од десет години ги доделува наградите за одржливост и ги признава достигнувањата во пет специфични категории: одржлива енергија, климатска обнова и одржливост, еколошки и социјални практики, еколошка и социјална иновација и родова и економска вклученост.
Проектот „Пречистителната станица за отпадни води – Скопје“ ја освои втората награда во категоријата климатска обнова и одржливост, во конкуренција со 47 номинации, од кои вкупно 16 компании од 11 земји од светот беа избрани за добитници на годинешните награди.
– Јас сум навистина горд и среќен што по 15 години, откога постои самата идеја, токму сега, во овој период, „Водовод и канализација“ ја почна реализацијата на овој капитален еколошки проект, чија вредност и значење се потврдени со освојување на втората награда на „Наградите за одржливост 2020“, доделена од страна на ЕБОР. Испишуваме нови страници во историјата на Град Скопје и оваа награда е само уште една потврда за нашите заложби, посветеност, професионалност и поставување нови стандарди не само во работните процеси туку и во општеството и во заштитата на животната средина. Ова признание е одличен мотив за да продолжиме по веќе успешно трасираниот пат – изјави Душко Весковски, генерален директор на водоводното претпријатие.

„Пречистителната станица за отпадни води – Скопје“ ќе биде со капацитет од еквивалент на 500 илјади жители и е еколошки капитален проект, чија вредност е процената на околу 136 милиони евра, кој ќе овозможи третман на урбаните отпадни води во согласност со ЕУ-стандардите, а ќе дејствува и на намалување на загадувањето на реката Вардар, подобрување на условите во животната средина, а наедно и на подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во Скопје. Со изградбата на пречистителната станица нашата држава ќе има над 90 проценти прочистени води, што е еден од критериумите што треба да се исполнат при отворањето на преговорите со ЕУ. Проектот како таков е препознаен тука, но и во Европа, а доказ за тоа се неговото вклучување во акцискиот план за зелен град од страна на Град Скопје и поддршката добиена од Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за финансии, Град Скопје, ЕБОР, ЕИБ и ЕУ-делегацијата.