Д-р Зоран Божиновски, раководител на Секторот за санитарна контрола на водата во ЈП „Водовод и канализација“

Главни објекти на системот за производство и за дистрибуција на вода за градот Скопје се изворот Рашче, бунарските подрачја Нерези и Лепенец, хлоринаторски станици, препумпни станици, хидрофори, резервоари и водоводна мрежа. Потребите за вода за градот Скопје речиси во целост се обезбедуваат од изворот Рашче, кој се состои од две каптажи, Рашче 1 и Рашче 2, со вкупен инсталиран капацитет од шест кубни метри во секунда, односно 6.000 литри во секунда. Доводот на водата од изворот Рашче до корисниците се врши преку два челични цевководи, со профил ф-1600 милиметри, кои по надвозниот пат за Ново Село се одвојуваат кон градот и кон индустрискиот комплекс Железарница. Врз потеклото и квалитетот на изворската вода слеана во изворот Рашче постојано се изведуваат софистицирани хидролошки, метеоролошки и изотопски лабораториски испитувања. ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за подобра информираност на граѓаните на градот Скопје, редовно објавува неделни извештаи за квалитетот и безбедноста на водата за пиење, добиени од анализите спроведени во Секторот за санитарна контрола.

Како и на колкав период се прават анализи на водата за пиење и откога се првите што биле направени? Дали секогаш се земаат еднаков број примероци за физичко-хемиска и микробиолошка анализа и од колку места или секогаш е различно?
– Бројот на примероци за анализа е определен со нов правилник од 2018 година, но како минимален број потребен за контрола. Критериумите се во однос на бројот на жители и потрошувачката на вода. Ние применуваме почести локации и во однос на потрошувачката на вода и во однос на бројот на населението во одредена зона. На основа на тоа имаме повеќеслоен мониторинг, кој се состои од 36 константни мерни места од дистрибутивната мрежа (третирана вода) и ХС Кондово (нетретирана вода) што се контролираат секојдневно и други 25 мерни места што се контролираат на неделно ниво или двонеделно, а се делови од руралната средина на градот Скопје или се ресурсите. Ресурсите се каптажите Рашче 1 и Рашче 2, како и резервните бунари Нерези – Лепенец.

На примероците се врши анализа тип 1 на секојдневните и периодичните, на ресурсите анализа тип 1 и анализа тип 2 двапати во месецот, понатаму на 14 мерни места плус ресурсите што се во употреба анализа тип 2 еднаш месечно. Тука се вклучени сите потенцијали аналитики на Секторот за санитарна контрола и двапати во годината анализа со сите потенцијали на Институтот за јавно здравје на РСМ, која вклучува: хемиска, бактериолошка и радиолошка анализа, анализа на пестициди и паразити на примероците од ресурсите и од мрежата. Сите резултати се доставуваат до надлежните институции и сите се исправни во согласност со пропишаните норми од СЗО што се инкорпорирани во нашата легислатива. Нормално, работењето е под континуиран инспекциски надзор, а анализите се изведуваат во согласност со ИСО 17025, со примена на ИСО 9001 во административното работење. Сите податоци се дигитализирани и достапни на јавноста.

Дали скопјани пијат најздрава вода?
– Водоснабдителниот систем на градот Скопје континуирано го снабдува населението со потребните количества на вода со проверен и верификуван, константно контролиран квалитет според нормите на СЗО, стандардите ИСО на ЕУ и директивите на советот на ЕУ за оваа област.

Колкав тим вработени секојдневно се ангажирани во Секторот за санитарна контрола, кои се грижат да пиеме здрава и исправна вода?
– Секторот за санитарна контрола има 27 вработени и користи услуги и од другите сектори. Вработените во Секторот за санитарна контрола се организирани во: лабораторија за микробиологија, лабораторија за хемија на води, одделение за обработка на податоци, архивирање и магацинско работење, одделение за теренски мерења и земање примероци. Располага со теренски возила и возила за земање и транспорт на примероци, мобилна и лабораториска мерна опрема во согласност акредитацијата што ја има за дејноста и за обемот на работите што ги врши.

Со какви предизвици се соочуваат вработените во своето секојдневно работење?
– Главниот предизвик на Секторот за санитарна контрола е да го одржи високиот степен на сигурност на испорачаната вода. Да работи на намалување на потенцијалните ризици и да се подготвува со опрема, кадровски и просторно за промените во областа што ќе дојдат со пристапувањето на нашата земја кон ЕУ. Ние и досега работиме по истите принципи и норми како и сите европски градови, но предизвик за нас, а и за нив, во блискиот период ќе биде новата директива за безбедност на водата, која ќе стапи во сила оваа година. Иако нашата земја не е членка на ЕУ, ние сме во контакт со нашите колеги од областа и во нашите развојни планови се и критериумите што ќе стапат во сила за кои сме подготвени да се приспособиме и да одговориме на барањата. Тоа подразбира доекипирање и доопремување, кое сме го имале предвид и сме во фаза на заокружување на потенцијалите. Со тоа и во иднина градот Скопје ќе биде безбедно снабден со квалитетна вода во потребните количества.

Колку години функционира Секторот за санитарна контрола?
– Секторот за санитарна контрола функционира во овие простории од 1996 год., a како служба за санитарна контрола е формирана група во 1964 год. Тогаш првично била контролирана концентрацијата на резидуален хлор, а со време биле воведувани и хемиски и микробиолошки анализи. Била формирана основна мониторинг-мрежа, која се надградувала се надградува и ќе се надградува во иднина како што расте градот.