Фото: Игор Бансколиев

Внатрешна контрола за вработените во градската администрација, првпат ќе биде воведена во градот Скопје. Како што најави градоначалникот Петре Шилегов, идејата е да се подобрат услугите кон граѓаните и веќе издал налог со кој внатрешната контрола во рок од два месеца треба да изработи регистар на сите постојни несработени предмети во градот. Во исто време, како што рече, ќе ги категоризира предметите по тип и време за постапување.

– Целта е да се спречи закочувањето на постапките, целта е граѓаните да бидат поштедени и од стрес и од изгубено време талкајќи по шалтери, од канцеларија во канцеларија. Целта е конечно да ги извадиме сите предмети надвор од фиоките – истакна Шилегов.

Тој најави дека ќе се определува категорија по специфична тежина за колку работни дена треба да биде сработен еден предмет. На пример, данокот на промет би се пресметувал за пет дена, данокот на имот би се пресметувал за 10 дена, лиценцата за такси-возачи би се издавала за 30 дена.

Шилегов ги повика од понеделник сите граѓани што имаат активни или новоподнесени предмети во градската администрација или имаат каков било проблем да пријават во внатрешната контрола на [email protected].