На Скопје му требаат вакви покриви за почист воздух

Граѓаните во Скопје веќе го чувствуваат загадувањето на воздухот, а сите знаат дека зеленилото и дрвјата потпомагаат многу за негово прочистување. Од таа причина на градот му се потребни што повеќе дрвја и зелени површини, наместо тие да се уништуваат во градежната експанзијата и борба за простор за изградба на згради, од кои се намалува протокот на воздух. Наоѓањето решение за проблемот со загадувањето не е едноставно и лесно. Но постојат начини што можат малку да го ублажат. Еден од нив е концептот на зелени (градини) покриви. Вакви иницијативи за подобрување на животната средина, во одредени држави одамна се реализираат. На некои од нив целта не им е само подобрување на квалитетот на воздухот туку и намалување на емисијата на јаглерод диоксид. Се обидовме да дознаеме колку се расположени нашите општини за еден ваков концепт на покривни градини и дали можеби размислуваат за примена на овие светски искуства, кои покажале одредени резултати. Градот Скопје, пак, планира ваков проект да реализира на покривот на Градскиот трговски центар.

– Градот Скопје покажува голем интерес за користење на потенцијалот на оваа технологија како можност на креирање нови зелени површини на т.н. зелени покриви. За таа цел, градот Скопје ги започна постапките за изработка на проект за изградба на ваков зелен покрив на Градскиот трговски центар. Проектот се прави со соработка со УНДП, во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени“ – велат од градот Скопје.

Оттаму додаваат дека врз основа на искуствата и резултатите што ќе ги добијат од овој проект, градот Скопје во иднина ќе размислува и за проширување на овие зелени покриви и на објектите на институциите што се во негова надлежност.

– На територија на општината Центар има неколку зелени покриви што се во приватна сопственост. Сметаме дека ова, сепак, е скапа инвестиција, ваквите покриви се многу потешки и поскапи за одржување, при што ќе им се отежни буџетот на станарите од самата зграда, а прашање е и дали воопшто може да издржи покривната конструкција, како и статиката и стабилноста на самата зграда. Би помогнале доколку има можност за изведба на вакви покриви и доколку има интерес од страна на станарите – велат од општината Центар.

Во нашиот град има само неколку зелени покриви и претежно се наоѓаат на управни згради, како кај управната зграда „Брако“ и Халк банка.
Архитектите и градежните инженери велат дека не може да се утврди точната цена за изградбата на зелените покриви. Зависи од повеќе фактори, како што се површината на покривот, количествата и видовите на садници и тревни покривачи, предвидени за оваа намена, како и од начините и системите за нивно наводнување.
– Општината Аеродром во моментов нема зелени покриви, но тоа не значи дека не сме отворени за реализација на оваа идеја. Еден од нашите врвни приоритети е здрава животна средина, со многу зелени површини. Во таа насока, ја разгледуваме оваа иницијатива и се надеваме дека во блиска иднина и во рамките на нашите можности би поддржале вакви проекти.

Проблемот со аерозагадувањето е горчлива тема на Скопје, бидејќи веќе е на листата на најзагадените градови во светот. Можеби ваквите иницијативи сами по себе нема да го решат проблемот, но, сепак, со преземање чекори од граѓаните и од локалните власти може да се потпомогне за намалување на влијанието на штетните честички во воздухот.

Според Институтот за технологија на Британска Колумбија, има два главни вида зелени покриви – екстензивни и интензивни. Кај екстензивниот пејзаж просторот за полнење е плиток и се садат треви или растенија. Изгледа едноставно, а по една година системот не бара наводнување. Идеален е за широки згради со рамни покриви. Интензивниот пејзаж е попознат како зелена градина. Има подлабоко полнење и се садат различни растенија, но бара поголемо и редовно одржување, кое зависи од видовите растенија. Зелениот покрив е систем што е составен од водоотпорна мембрана, коренски бариери, дренажни системи и системи за наводнување. Најголем предизвик при изведба на еден зелен покрив е што подоследно да се долови природната средина каде што растат растенијата. Ако се изведат правилно, тие влијаат позитивно на микроклимата, ги апсорбираат штетните честички од воздухот, го задржуваат вишокот атмосферски води, штитат од бучава, придонесуваат за подобра изолација, а со тоа штедат енергија и го продолжуваат векот на градбата.


Копенхаген и Торонто најзелени

Концептот за зелени покриви е сѐ позастапен во светот. Во 2010 година во Копенхаген беше донесен закон со кој се предвидуваше новите згради што имаат агол помал од 30 проценти, задолжително да се со зелени покриви. Иницијативата е дел од планот на градот да стане целосно јаглеродно неутрален до 2025 година. Со оваа политика се предвидуваше пораст на зелените површини до 5.000 квадратни метри на годишно ниво. Од последните истражувања, Копенхаген има повеќе од 40 зелени покриви.
Зелените покриви се задолжителни и во Торонто, а трендот за нив се шири во Америка. Агенцијата за заштита на животната средина на САД спроведе студија наречена „Проценување на ефектите врз животната средина на зелените покриви“, со која се истражуваат еколошките и здравствените придобивки од зелените покриви за Канзас Сити, Мисури. Студијата покажала дека вкупната покриеност на зелените покриви во Канзас Сити, инсталирана помеѓу 1999 и 2020, ќе изнесува над 65.032 квадратни метри и ќе резултира со избегнување емисии од 384 килограми азотен оксид, 734 килограми сулфур-диоксид и 269 тони јаглероден диоксид. Намалувањето на овие емисии се изедначува со монетизирани здравствени придобивки од 35.500 до 80.500 долари.