Во Сарај, вчера никој не сакаше да коментира за донесената одлука Фото: Игор Бансколиев

Советниците на општината Сарај со одлука на последната седница одржана завчера, решија сите поранешни учесници на ОНА, жители на општината, да ги ослободат од комуналните давачки кон сопственото општинско јавно комунално претпријатие „Сарај“. Тоа значи да бидат ослободени од плаќањето давачки за ѓубрарина и за канализација. Владиниот портпарол, Миле Бошњаковски, вчера рече дека во Владата ќе биде направена анализа на одлуката на општината Сарај за припадниците на ОНА да не плаќаат комунални давачки, а потоа Владата ќе се изјасни за ова прашање.

Во врска со оваа одлука, сега општината планира да формира комисија за да ги регистрира сите поранешни војници на ОНА и со поединечно доделување на одлуката, тие и официјално да бидат ослободени од овие давачки за кои советниците веќе се договориле. Покрај одлуката за ослободување од комуналии на учесниците во ОНА, советниците донеле одлука за ребаланс на општинскиот буџет во кој имало кратење на дел од претходно предвидените трошоци. Во насока на економскиот развој е согласноста за деталниот урбанистички план во кој била предвидена маркичка за изградба на производен комплекс за лесна индустрија во населеното место Кондово. Ваква одлука за ослободување од комуналии за припадниците на ОНА првпат носи една општина, во која има мнозинско албанско население, а јавноста веднаш праша дали во случајов не се ставени во нерамноправна положба другите жители на Сарај и од каде доаѓа идејата за вакво нешто. Ги прашавме и во градот Скопје дали оттаму ќе реагираат на ваквата одлука, имаат ли воопшто право за каква било реакција и може ли градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, да ја оспори одлуката на Сарај. Но до затворањето на весникот не добивме никаков одговор.

– Ќе направиме анализа, ќе побараме информација најнапред за донесената одлука, а потоа ќе излеземе со информација за владиниот став по одлуката на Сарај – рече Бошњаковски

За ваквата одлука се вели дека е всушност потег што е одговор или исполнување на предизборно ветување на градоначалникот на општината Сарај, Блерим Беџети, ветување, кое било и дел од неговата предизборна програма. Но тој вчера воопшто не одговараше на мобилниот телефон, иако го побаравме неколкупати. Одговорната за комуникации со јавноста, вчера ни рече дека во врска со одлуката за ослободување од комунални давачки за ѓубрарина и канализација на учесниците на ОНА и жители на Сарај може да зборува само секретарот Сефи Шабани, со кој таа ни вети дека ќе нѐ поврзе лично затоа што нам не ни одговараше на повиците на неговиот мобилен телефон, иако неколкупати го побаравме. За актуелниот градоначалник Блерим Беџети ни беше кажано дека вчера бил презафатен и не може да одговара на прашања. За став и мислење за донесената одлука го прашавме и поранешниот градоначалник на Сарај, Беќир Муамети, поранешен член на ПДП, а сега, како што самиот вели, не е повеќе член на ниту една партија иако сѐ уште работи како раководител во општината.

– Ако донесоа една ваква одлука, тогаш донесена е само уште една од многуте во државава што се спротивни на закон или устав. Генерално кога одиме докрај граѓаните да ги ставиме во една нерамноправна положба навистина не е во ред. Што правиме со оние што се телесни инвалиди и не можат да заработат за живот, со многутемина што се во страшна социјална беда, како, пак, тие да плаќаат давачки. Во ред е да сте хумани, но кога граѓаните се ставаат во една нерамноправна положба тогаш навистина не е во ред. Припадниците на ОНА имаат бенефиции колку што сакаат, ова е неправда во нашето општество, се оди надвор од законот и сите човечки правила и треба да сме свесни за тоа – вели поранешниот градоначалник на Сарај, Муамети.

Не успеавме во обидот да добиеме некаков став од општинските советници, а повеќе никој не ни одговараше ниту на фиксниот телефон во општината. Не нѐ поврзаа ниту со секретарот Шабани, иако ни ветија уште од рано наутро и по неколку слушања до крајот на денот.