Скопје лани беше меѓу најзагадените градови во светот Фото: Игор Бансколиев

Граѓаните бараат засилен мониторинг на индустриските капацитети, детектирање на загадувачите и нивно јавно обелоденување. Потоа поставување транспарентен систем за следење на загадувањето, но пред сѐ конкретни мерки за почист воздух

Како наближува почетокот на грејната сезона, така стануваат сѐ пожестоки и барањата на граЃаните за конкретни мерки од надлежните за справување со загадувањето на воздухот. Во средата, на 18 септември, во Владата беше отворен ден за граѓаните и граѓанските организации, кои бараат итни и конкретни мерки од Владата за справување со загадувањето, бидејќи тие сметаат дека нема да се направи многу само со Планот за чист воздух. Владата, пак, фокусирајќи се на намалување на бројот на домаќинствата што ќе се греат на дрва и најмногу го загадуваат воздухот, преку заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули ја промовира новата мерка за субвенционирање инвертер-клими во стопроцентен износ од цената.

Веднаш потоа, еколошките, но и граѓанските здруженија се огласија со бурни реакции и забелешки, дека тоа нема да ги реши проблемите со загадувањето. Граѓаните бараат засилен мониторинг на индустриските капацитети, детектирање на загадувачите и нивно јавно обелоденување. Потоа поставување транспарентен систем за следење на загадувањето, но пред сѐ конкретни мерки за почист воздух. Исто така бараат да профункционираат мерните станици за да се знае каков воздух ќе дишеме. Од друга страна, пак, се децидни дека освен планот за чист воздух, на кој од Министерството за животна средина нѐ упатуваат и нас од медиумите кога прашуваме кои се мерките што годинава ќе се преземат, други конкретни чекори од страна на надлежните за справување со загадениот воздух годинава како да нема.

– Покрај долгата низа активности од програмата за 2019-та, поразително е што Макрадули изјавува дека ова е прва зима каде што борбата со загадувањето на воздухот започнала летово. Борбата против загадувањето на воздухот требаше да започне со првиот ден од формирањето на оваа влада и да не престане. Ваквата изјава, при крајот на мандатот, само ја дава вистинската слика за тоа како оваа влада (не) се справува со загадувањето на воздухот – се наведува во изјавата од организацијата за зачувување на животната средина „О2 иницијатива“.

Против загадувањето ќе се оди и со зголемување на бројот на домаќинства што зимава ќе се греат на парно. Градот Скопје ја доби од Владата топловодната мрежа и сѐ уште работи на случајот од Регулаторната комисија за енергетика да добие лиценца за работа за новото претпријатие „Градски енергетски системи“. Скопскиот градоначалник Петре Шилегов во медиумите изјави дека се надева дека до ноември „Градски енергетски системи“ ќе добие лиценца за работа, а со тоа и од Нова година мислат да почнат со дистрибуирање топлинска енергија. Но граѓаните и разни граѓански и еколошки здруженија не се уверени дека сето ова ќе го реши загадувањето и некои од нив поведуваат иницијативи со кои бараат конечно да се реши проблемот со загадениот воздух. Едни поставуваат барања, додека други веќе за денеска најавија протест, од 17.30 часот, на раскрсницата пред ТЦ „Сити мол“. Настанот е насловен „Со пречек на трамвајот наречен желба за почист воздух“.

– Чекаме решение, чекаме имплементации, интервенции, надлежност за ингеренции. Ќе се намалуваше загадувањето на 50 отсто за две години, ама се намали само бројот на мерните станици што го мерат – се наведува во соопштението за протест на граѓанските иницијативи „Карпош 4“ и „Еко Карпош 3, 2, 1“.
„Автокоманда сака да дише“ е втората граѓанска иницијатива што започнува со адресирање на барањата до надлежните институции за итна реакција и мерки против перманентното загадување на воздухот. Во нивното писмено барање до надлежните бараат итна детекција на загадувачите, нивно јавно обелоденување и соодветно санкционирање, воведување перманентен инспекциски надзор на индустриските субјекти во Автокоманда, конечно објавување на долгоочекуваниот катастар на загадувачи на Гази Баба, како и да профункционира мерната станица и засилен мониторинг-систем, но и воспоставување транспарентен систем за следење на загадувањето.
– Во првата фаза ќе бидат доставени до Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат за животна средина, Собраниската комисија за екологија, Инспекторатот на градот Скопje и општината Гази Баба. Доколку во разумен рок нема резултати и видливo изразена волја за справување со алармантната состојба, граѓанската иницијатива „Автокоманда сака да дише“ е подготвена да организира протести, блокади, но и други расположливи форми на изразување на револтот – се наведува во соопштението на граѓанската иницијатива „Автокоманда сака да дише“.