За две години се очекува загадувањето на воздухот да се намали за 50 отсто Фото: Игор Бансколиев

Македонската влада на донаторска конференција што самата ја организира побара финансиска и техничка помош од меѓународни донатори за да го спроведе двегодишниот план за борба против загадувањето на воздухот. Парите што претходно беа обезбедени од буџетот не се доволни за да се спроведе двегодишниот план, со кој се очекува намалување на загадувањето на воздухот дури за 50 отсто. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи е национален координатор на странската помош. Освен финансиска и техничка помош, нашата влада за реализација на Планот за борба против загадувањето на воздухот очекува и размена на позитивни искуства од европските држави во справувањето со овој глобален проблем. Од Министерството за животна средина велат дека и досега добивале финансиска и техничка помош од разни фондови, но ова е првпат тоа да се направи на едно место и да се побара од сите можни донатори.

– И досега сме добивале средства за проекти од разни фондови, како што се ИПА-фондовите, потоа од УНДП, но вака организирана донација на едно место не сме имале. Долг е навистина списокот на донирани средства за реализирани проекти. Мерните станици, на пример, се една таква техничка придобивка што сме ја имале. Досега имало низа проекти за воздухот што биле реализирани од странски пари. Искористени се средства за разни проекти од ИПА и други слични фондови однадвор – велат од Министерството за животна средина и додаваат дека навистина им е потребно време да ги стават сите на листата.

Вицепремиерот Османи смета дека загадувањето на воздухот не може да се реши со магично стапче и адхок-решенија, туку потребни се краткорочни и долгорочни стратегии, со низа мерки и активности за целосно надминување на проблемот.
– И сега имаме поединечни активности на донаторите преку разни проекти, но важно е тие да бидат комплементирани и во линија на нашата стратегија и да не се преклопуваат – изјави Османи, додавајќи дека има добар одѕив од меѓународната заедница, меѓународните финансиски институции и организации.
Од Владата најавуваат помош за нови еколошки системи за затоплување во домаќинствата и јавните институции, за да се заменат старите и нееколошки. Владата ќе субвенционира и купување еколошки возила и вградување плински уреди, а изрази и надеж дека ќе биде донесен и закон со кој ќе се забрани користењето јаглен за затоплување.

– Граѓаните не сакаат да загадуваат, но ние треба да им помогнеме, а тоа ќе го направиме со субвенции за еколошки извори, со подигнување на енергетската ефикасност на објектот, со замена на печките на јаглен и се надевам дека ќе добиеме консензуална поддршка во Собранието да се донесе закон за забрана за користење јаглен како извор на затоплување. Тоа ќе биде една драстично корисна мерка, која не треба да се искористи од аспект на социјала, туку од аспект на заштита на животната средина, како една од клучните компоненти – изјави вчера Јани Макрадули, заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, пред почетокот на конференцијата.

Според него, замената на старите и нееколошки системи за затоплување би дала најбрз резултат во однос на загадувањето бидејќи, како што посочи, четири различни студии покажале дека околу 46 проценти во загадувањето учествуваат домаќинствата што не се греат само на дрва и јаглен туку користат и пластика и гуми.