Вкупно 26 згради во општина Центар ќе добијат енергетско-ефикасни фасади
Уште 26 станбени објакти во општина Центар ќе добијат енергетско-ефикасни фасади, во рамки на реализацијата на проектот на општината чија цел е поквалитетен живот на граѓаните и голема финансиска заштеда за нивните семејни буџети.

– На огласот, кој го објави општина Центар, беа поднесени вкупно 65 пријави, а Комисијата донесе одлука во првата фаза да влезат 26 станбени објекти врз основа на исполнети услови и критериуми – соопшти oпштината.

За станбените згради кои се одбрани во првата фаза од Јавниот повик во следниот период ќе се изготвува проектна документација и во зависност од целокупната прибавена документација ќе се отпочне со реконструкција на фасадите по тој редослед. Овие згради се планира да се реконструираат во период од две години.

Проектот ќе биде поддржан со финансиски средства од буџетот на Општина Центар, во висина од 70 отсто од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на станбената зграда за колективно домување за секоја одобрена апликација, поднесена од заедница на станари или од мнозинството сопственици на посебните делови од станбената зграда апликант.

Ако во семејство кое живее во колективната станбена зграда која е избрана за реконструкција на фасада има социјален случај или лице со посебни потреби, врз основа на документ со кој ќе се докаже тоа, Општина Центар ќе го финансира неговиот дел при финансирање за реконструкција.

Сопствениците на посебни делови преку кредитирање или во готово ќе ги обезбедат преостанатите финансиски средства во висина од 30 проценти од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада.

Предуслов за отпочнување на реконструкција на фасада е да бидат уплатени средства во висина од 30 отсто од вкупниот износ од вредноста на енергетски ефикасната фасада на жиро сметка на Општина Центар, наведуваат од Општината