За среќа, по опожарувањето на автобусот исходот беше само материјална штета / Фото: Игор Бансколиев

Опожарувањето на автобусот што се случи под Транспортниот центар, во јавноста наметна многу прашања за тоа колку често, темелно и сериозно се вршат стручни прегледи на возилата што учествуваат во јавниот градски превоз. Потоа дали тие што се постари од 25 години сѐ уште ветуваат сигурен и безбеден превоз. Што изјавува Ленин Јовановски, првиот човек на „Слобода превоз“

По неодамнешниот случај со опожарениот автобус

Опожарувањето на автобусот на приватното претпријатие „Слобода превоз“, кое се случи минатата недела под Транспортниот центар, го отвори прашањето за безбедноста на корисниците на јавниот градски превоз. Во овој настан, за среќа, патниците претходно го напуштиле возилото и никој не настрада. Исходот беше само материјална штета. Како што информира ЈСП „Скопје“, според првичните сознанија, причина за пожарот бил краток спој на електричната инсталација на автобусот.
Кај патниците по претрпениот страв остана да виси прашањето што можеше да се случи ако пожарот имаше поинакви димензии. Но не само меѓу нив, настанот предизвика повеќе дискусии, а граѓаните имаа најразлични коментари и прашања. Во јавноста се наметнаа прашањата за тоа колку често, темелно и сериозно се вршат стручни прегледи на возилата што учествуваат во јавниот градски превоз, особено поради тоа што во него се вклучени доста стари возила. Потоа дали тие со амортизација од 25 години сѐ уште ветуваат сигурен и безбеден превоз и дали поради староста можат да предизвикаат најразлични проблеми за безбедноста на оние што се возат во нив.

Треба ли поради тоа да подлежат на почести контроли за нивната техничка исправност за да се избегнат вакви и слични сериозни инциденти… Логично се наметнува и прашањето дали можеби е време и приватните претпријатија „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ да го обноват својот возен парк. Но и Јавното сообраќајно претпријатие, исто така, во својот возен парк сѐ уште има стари возила, како што се хармоника-автобусите, а не се веќе нови ниту кинеските двокатни автобуси. Иако беше на големо најавувана, доцни набавката на новите еколошки возила со кои би се замениле дотраените.
Ленин Јовановски, првиот човек на приватното претпријатие „Слобода превоз“, вели дека од вкупно 127 автобуси колку што има претпријатието во својот возен парк повеќе од половината се автобуси од 1995 година, значи стари по 25 години. Преостанатите се со старост помеѓу 1995 и 2000 година, но тоа никако не е причина за инцидентот со опожарувањето на возилото со бројот 45, кое на денот на настанот пристигнало од населбата Ченто под Транспортниот центар и повторно по кратка пауза требало да тргне кон Ченто.

– Во 20 години, колку што сум јас на чело на претпријатието првпат се случува да се запали автобус. Електричната инсталација може да направи вакви проблеми од разни причини. Каква било поправка или нестручен контакт со електрониката може да предизвика проблем, но што всушност беше причината за настанатото опожарување на автобусот на линијата со бројот 45 ќе покаже истрагата. Лично не верувам дека некој може да гарантира за електрониката. Тука не станува збор за тоа дали е нов или стар автобусот, од искуство знам дека може да се запалат и нови автобуси. Инсталацијата, жиците не можат да застарат и не може да се запали инсталацијата ако нема и најмал физички контакт – објаснува Јовановски, директорот на приватното претпријатие „Слобода превоз“.
Тој додава дека на автобусите од оваа компанија технички преглед се врши на секои шест месеци во овластени станици за технички преглед, а старите автобуси на две години мора да одат да направат и прегледи за таканаречени посебни технички експлоатативни услови, повторно во овластени станици, кои издаваат потврди дали возилата може да извршуваат јавен превоз. Јовановски посочува дека откако приватните превозници влегле под капата на градот, немаат добиено никаква финансиска помош ниту од градските власти ниту од државата за да можат да го обноват возниот парк, како што е тоа случај со ЈСП.

– Надлежните мора да најдат модус како и приватните претпријатија да станат конкурентни, дали со поволни кредити или на други начини. Исплатената сума што ја добиваме од километар од страна на градот исто така не е соодветна, бидејќи во таа цена се вклучени сите трошоци, нафтата, амортизацијата, маслото, регистрацијата, плус платата на возачите и разумната добивка, а всушност добивката е многу неразумна. Сопствениците едвај преживуваат, сами ги чистат автобусите, сами купуваат средства….
Еден автобус вози во три смени, значи тројца возачи треба да се платат и сите трошоци, на крајот од месецот остануваат 300 евра, јас велам неразумна добивка, а цената од километар од 62 сега падна на 54 денари. Дадов предлог до Градот колку е понов автобусот толку поголема да биде и цената што ќе ја исплаќаат по извозен километар, за да се стимулираат и другите да ги обноват автобусите и да инвестираат. Така е и во Софија во соседна Бугарија и во Белград во Србија – објаснува Јовановски.
Од Град Скопје овие објаснувања на Јовановски ги негираат со тврдење дека на приватните превозници со градски автобуси им била понудена финансиска помош, но тие не покажале интерес.

– Град Скопје имаше проект за помагање на приватните превозници што се вклучени во градскиот превоз, преку давање субвенции за инсталирање систем за гас. Со ова, истите тие би биле еколошки и не би го загадувале воздухот, а од друга страна би биле поекономични за превозниците. За таа цел, Град Скопје предвиде средства во 2018 и 2019 година за субвенции за вградување уреди на гас, за намалување на штетните издувни гасови, но овие средства останаа неискористени, поради тоа што превозниците не пројавија интерес да ги искористат. Град Скопје на неколку средби се обиде да ги информира и да ги анимира претставниците на приватните превозници за поволностите што се нудат, но истите тие не предизвикаа интерес кај нив – објаснија од Град Скопје.
Од приватното претпријатие „Макекспрес“, пак, велат дека пред некоја година го обновиле својот возен парк со четири половни автобуси на гас, кои ги набавиле од Германија. Возилата се произведени во 2008 и 2010 година, а потоа докупиле уште два со еуро пет плус дизел-мотори, кои се еднакви на еуро шест, што е најголем стандард во Европа.

– Нашиот возен парк го сочинуваа 80 автобуси од кои најстариот беше од 1995 година, а помал број беа од 1995 година, додека другите беа од 1997 до 2000 година. Поради тоа и ја започнавме обновата на возниот парк, но ситуацијата со коронавирусот комплетно ни ги измести плановите, а во декември 2021 години веќе ни истекува договорот со Градот и тогаш многу веројатно ќе се бараат нови стандарди за возилата што ќе учествуваат во јавниот градски превоз. Ние мора сами да го обновиме возниот парк, немаме никакви субвенции, додека ЈСП за две години има добиено 320 илјади евра. Побаравме и ние некакви субвенции да ни бидат доделени, но не добивме одговор. Дури и цената што ја добиваме по извезен километар е премногу ниска и таа не соодветствува со обнова на возниот парк – вели Војо Велевски, еден од сопствениците на приватното претпријатие „Макекспрес“.