Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје, во очекување на олеснување на мерките предизвикани од актуелната пандемија и дозвола за организирање на редовните спортски настани, ќе почне со реализирање на виртуелните трки „Виртуелен прв до врв“ и „Виртуал спринг ран“.

– „Виртуелен прв до врв“ е натпревар идентичен на редовниот настан, по истите патеки на Водно и истите дисциплини во трчање, планински и друмски велосипедизам, со единствена разлика што секој учесник индивидуално ја одржува својата спортска активност во согласност со пропишаните мерки за физичка дистанца, а оствареното време влегува во заедничкото рангирање со другите учесници.

Овој виртуелен настан е веќе почнат и ќе трае до 31 мај, по што ќе бидат прогласени победниците што оствариле најдобри времиња -информираат од „Прв до врв“.
Пролетната лига во трчање „Виртуал спринг ран“ почна вчера, а ќе трае до 21 јуни. Учесниците ги имаат на располагање дисциплините на 5.000 метри, 10.000 метри и полумаратон. Пријавувањето за трките е преку веб-страницата www.prvdovrv.mk. Најдобрите ќе бидат наградени со златен, сребрен и бронзен медал.