ВИСОКИТЕ ТЕМПЕРАТУРИ МОЖАТ ДА ПРЕДИЗВИКААТ
ШТЕТИ СО ЗАКАНА ЗА ОПШТА ОПАСНОСТ

Секој месец на терен евидентираме голем број штети во вид на запалени контејнери, оштетени садови за отпад, искршена урбана опрема (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци…, информираат градските власти

Високите температури што периодов ги зафатија земјава и главниот град претставуваат голема опасност од избивање пожари како последица на несовесното однесување на граѓаните.

Најчеста „жртва“ на ваквото однесување се кантите за отпадоци и контејнерите каде што најчесто и се случуваат пожарите, кои многу лесно можат да излезат од контрола. А доколку се случи тоа, последиците и штетите би биле незамисливи, бидејќи локациите на кантите за отпадоци најчесто се во урбани средини, каде што играат деца, има паркирани возила, има куќи и згради и зеленило, кое во овие временски услови е суво и погодно за ширење пожар.

ДОГОРЧЕ ПЕПЛОСА КАНТА ЗА ОТПАДОЦИ ВО ЦЕНТАРОТ НА ГРАДОТ

Несовесното фрлање догорчиња во кантите за отпадоци не само што претставува финансиски трошок за надлежните туку и претставува огромен животозагрозувачки ризик за жителите на Скопје, независно за која населба и општина станува збор.
Некои од граѓаните револтирано реагираат на ваквото однесување на сожителите, бидејќи на ова жешко време, во услови кога сонцето е силно, дури и тешко може да се забележи дека на одредена локација избил пожар.

Така, неодамна во централното градско подрачје, на автобуската постојка кај паркот „Жена-борец“, кантата за отпадоци поставена на постојката целосно изгоре.
– Стоев и чекав автобус, кога одеднаш нешто почна да пука. Се преплашив, воопшто не ни забележав дека кантата кори. Почна пластиката да се топи, да летаат искри, стопената пластика се растекуваше по и онака жешкиот асфалт… Забележливо беше дека пожарот е последица на догорче од цигара, бидејќи кантата речиси и да не беше полна. Пожарот напладне кога е доста силно сонцето едвај може да се забележи, освен доколку убаво не се загледате за да го забележите – вели Лилјана Димовска.

За жал, според граѓаните, не е првпат да се случуваат вакви инциденти. Велат дека сега, особено во летниот период, ваквата слика е доста честа низ градот.
– Несовесно е таквото однесување на пушачите. Во вакви временски услови, тие мора да се повнимателни кога ги фрлаат догорчињата. Не е првпат да гори канта за ѓубре поради неизгасната цигара, особено сега кога речиси сите канти за отпадоци имаат посебни пепелници наменети токму за пушачите да можат да ги изгаснат своите цигари – вели таа.

УНИШТУВАЊЕ НА УРБАНАТА ОПРЕМА

Иако не станува збор директно за вандализам, туку за крајно неодговорно однесување на граѓаните, сепак и ваквиот вид уништување на опремата претставува проблем за градските и за општинските власти.

Дека оштетувањето на јавната и урбана опрема е редовна слика за жителите на Скопје потврдуваат градските власти.
– Секој месец на терен евидентираме голем број штети во вид на запалени контејнери, оштетени садови за отпад, искршена урбана опрема (клупи, инсталации и сл.), инсталации за наводнување, сообраќајни знаци… – информираат оттаму.

Од Градот додаваат дека кантите за отпадоци повеќе се жртви на уништување од страна на граѓаните отколку на пушачите.
– Ваквите случаи за неправилно користење на кантите е ретко. Апелираме до граѓаните кантите за отпадоци и сета урбана опрема поставена од Град Скопје и јавните претпријатија да ги чуваат и истите тие соодветно да се користат – нагласуваат градските власти.