Згадувањето на воздухот што се чувствуваше изминативе денови, особено во вечерните часови, го расчисти ветрот. Поради присуството на чад во воздухот граѓаните се жалеа на отежнато дишење и проблеми на респираторните органи. Особено се загрижени за своите деца, па се прашуваат како ли ќе биде зимава, кога се постудени деновите и се грее целодневно и дали и тогаш ќе остане сѐ на ветрот и дождот или, пак, надлежните посериозно ќе се ангажираат околу ова прашање. Некои од мерките што се преземаат, како обука на оџачари и чистење на оџаците, диви депонии, набавка на нови автобуси, која сигурно нема да се случи брзо, веќе се познати. Мерките и активностите во плановите за иднина нема да помогнат многу зимава. Граѓаните со право прашуваат дали надлежните се подготвени да преземат посериозни чекори и мерки за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух, бидејќи конечно сите дишат воздух и затоа е потребно да се покаже повеќе грижа за здравјето. Граѓаните бараат системско решение, вклучување и на највисоките инстанци, како и градот и општините. Не е доволно чистењето на оџаците, велат граѓани, кога има социјални случаи што немаат ниту за леб, а не пак пари да обезбедат соодветно греење. Тие зимава ќе се греат на што ќе најдат. Палењето огнови и горењето пластика и кабли на отворено од жителите на дивите населби покрај Вардар исто така значително придонесува за загадување на воздухот.

Изминативе денови, откако почна грејната сезона, индексот на квалитет на воздухот веќе ги помина дозволените граници и покажуваше средно ниво на загаденост, кое, секако, ќе се зголеми кога домаќинствата уште поактивно ќе загреваат во своите домови. Помалку ќе се возат велосипеди, а повеќе автомобили. За граѓаните не е доволно само градот да има план за подобрување на квалитетот на воздухот, па сметаат дека многу поактивно во сето ова треба да учествуваат и општините, а со стратегијата за справување со загадувањето на воздухот треба да раководи Министерството за животна средина. Примерот со Бугарија, која воведе драстични мерки за намалување на загадениот воздух во земјата, ја фасцинира јавноста.

Тамошните власти одлучиле дека следува казна од 2.500 до 5.000 евра за градоначалниците доколку анализите покажат дека воздухот во нивната општина е загаден над дозволеното. Според нивниот Закон за чистота на атмосферскиот воздух, градоначалниците имаат рок од една година да го намалат загадувањето. Казни ќе им следуваат и на домаќинствата што користат несоодветни материјали за греење. Како ние да се справиме со загадувањето и што можеме да направиме, можеби треба да се постави како прашање и на повисоко ниво, бидејќи не е само Скопје град со загаден воздух. Тетово и Битола постојано беа водечки градови по загаден воздух во земјава. Од нашето министерство за животна средина, во разговор со нивниот портпарол Сашо Секуловски ни беше кратко кажано дека министерството како владина институција е одговорно само за гасификацијата, која ќе овозможи многу почиста животна средина, а дека квалитет на воздухот е на ниво на локални самоуправи. Секуловски посочи дека со мерката за увоз на возила само со еуро 4 стандарди, загадувањето е значително намалено. Наместо официјален пишан одговор од Министерството за животна средина на нашето прашање имаат ли некаков план или програма, активности што планираат да ги реализираат за намалување на загадувањето и кои чекори ги планираат, ни кажаа дека ќе излезат со соопштение што ќе го достават до сите медиуми.
До затворањето на весникот соопштението не пристигна.

Бидејќи загадувањето е опасен непријател што зимава ќе напаѓа, од општината Центар велат дека веќе презеле одредени мерки. Една е воведувањето на мораториумот за градби на територија на општината. Со тоа велат дека се намалува бројот активните градилишта, градежната бучава и механизација и градежниот шут, со што сметаат дека ќе се намалат токсичните честички што се директен резултат на градењето и градежниот шут.

– Сите правни субјекти што се занимаваат со угостителство и услужна дејност доставуваат до општината елаборат за животна средина на одобрување. Елаборатите содржат програма и мерки за намалување на загадувањето на воздухот. По одобрувањето на елаборатите, се подготвуваат решенија што се во согласност со Законот за животна средина.
По подготвувањето на решенијата, надлежните инспектори од општината вршат редовен увид и контрола во правните субјекти за тоа дали се почитуваат добиените решенија.

Покрај овие мерки, службите на општината Центар редовно ги чистат улиците и дивите депонии и ја одржуваат хигиената на општината. Редовно се организираат акции за собирање електронски отпад и кабаст отпад од домаќинства и се вршат редовни контроли на целата територија на општината. Инспекторите од општината Центар имаат редовна и постојана комуникација со инспекторите од другите општини и од градот Скопје, како и со инспекторите од Министерството за животна средина – објаснуваат од општината Центар.

Од општината Карпош, пак, која минатите години беше една од оние со висок индекс на загадување на воздухот, велат се придржуваат до препораките што ги имаат добиено врз основа на известувањето од Министерството за животна средина и просторно планирање од 2017 година и се однесуваат во согласност со заклучокот од 108-та владина седница, одржана на 25 декември 2012 година, а тоа значи препораките ги објавуваат во случај кога е надмината концентрацијата на ПМ10-честичките во воздухот над дозволените 50 микрограми на кубен метар, и тоа пет последователни дена. Препораките се поделени како препораки за граѓаните, за заштита на здравјето на луѓето, а се објавуваат и препораки до институциите и правните субјекти

– Возилата да не се користат без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило, да се користи јавниот превоз, за затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ-амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал, се дел од препораките. Натаму се препорачува да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци, печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот и редовно да се чистат оџаците. За заштита на здравјето на луѓето се препорачува доцна навечер или рано наутро, кога концентрациите на ПM10 можат да го достигнат максималното ниво, да се избегнува долгорочна изложеност на отворено. А ако луѓето имаат повеќе од еден систем за греење во домот, пожелно е да се избегнува употреба на цврсти горива во текот на критичниот период, со зголемени концентрации на ПM10. Да се одложат сите активности на отворено ако не се итни -, велат од Карпош.
Тие додаваат дека на институциите и правните субјекти им се препорачува да ги зголемат инспекциските контроли на инсталациите во надлежност на МЖСПП и општините во градот Скопје, општинските инспекциски служби да ги зголемат контролите на субјектите што управуваат со отпадни гуми и отпадни масла, да се зголемат и спроведат вонредни инспекциски контроли на градилиштата, редовно да се чистат улиците и пешачките површини се исто така дел од препораките. Од Карпош велат дека општината има препорака и до МВР да ги зајакне вонредните контроли во однос на техничката исправност на возилата за кои се сомневаат дека имаат зголемени емисии на штетни гасови.

Од најиндустриската општина Гази Баба, иако ни ветија, не ни доставија никаков одговор за тоа како ќе се справуваат со загадениот воздух.
Заменик-министерот Јани Макрадули остваруваше работни средби на кои разговараше за загадувачите на воздухот, а на средба со раководителот на инспекторатот на градот Скопје, Мирослав Богдановски, кажа дека разговарале за загадувањето во Гази Баба, како и за тоа дека веќе се лоцирани критичните точки што се директни загадувачи на воздухот. Ова тој го напиша и на својот фејсбук-профил и кажа дека се договориле во заедничка акција следниот период да се врши засилен надзор на овие локации и инспекциските служби заеднички да ги употребат сите законски можности за утврдување на причините за загадувањето и нивно санкционирање. Исто така напиша и дека договорил реализација на проектот „Идентификација на извори на аерозагадување со користење нуклеарни технологии“. На својот фејсбук-профил напиша дека ова е прв национален проект на Министерството за животна средина и ИАЕА, кој ќе се фокусира на зајакнување на административните капацитети на Министерството во идентификација на составот на цврстите честички во воздухот и подготовка на национална студија за определување извори на загадување во поголемите градови во државата.


И НВО ќе ја мерат загаденоста

„Во ноември во Скопје, во соработка со странски партнери, ќе бидат инсталирани првите 10 мерни станици за мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух. Станиците ќе функционираат независно од државните. За декември е предвидено да се инсталираат дополнителни 90 мерни станици на клучни локации и локации во близината на школи, болници и други објекти каде што имаме ранливи групи на граѓани. Поентата на целиот проект е да се добие појасна слика за состојбите, да се прави притисок кон властите за потребата од соочување со проблемот и негово решавање“. Ова вчера беше објавено на фејсбук-страницата на „Стоп на загадувањето стоп за смрдеата во Аеродром и Лисиче – Воздух сега“, а проектот на невладините само уште еднаш потврдува дека граѓаните почнаа сами да дејствуваат, во исчекување за нив многу повеќе да направат надлежните.