Градот Скопје и некои скопски општи најавија дека и годинава ќе доделуваат субвенции за купување велосипеди. Тие во своето соопштение велат дека граѓаните што се заинтересирани за вакво субвенционирање ќе можат да аплицираат на јавните повици што се во фаза на подготовка и дека истите тие ќе бидат објавени за многу скоро време. Според информациите од градот, во нивниот буџет за 2018 година за оваа намена се предвидени 10 милиони денари и целта на оваа мерка е да се стимулираат граѓаните помасовно да користат велосипеди како превозно средство.

Субвенционирањето од страна на надлежните институции секогаш е позитивен момент и добар поттик за граѓаните да ги променат своите навики. Но дали навистина граѓаните имаат коректни услови за да можат слободно и пред сè безбедно да се движат по скопските коловози. Од градот велат дека во континуитет се работи на подобрување на условите за користење на велосипедот како превозно средство преку реконструкција на постојните и изградба на нови велосипедски патеки, но тоа во практика е многу ретко забележливо.

Фото: Дарко Андоновски

Реконструираните и изградените нови велосипедски патеки, по краткото извршување на својата првична намена, на крајот завршуваат како паркинг-места за огромниот број автомобили. Велосипедистите на улиците често се изложени на големи опасности поради лошите услови за движење, но и поради тоа што нивото на сообраќајна култура во главниот град е на најнизок можен степен. Граѓанското здружение „На точак“ пред извесно време направи анализа на информациите од дневните билтени на Министерството за внатрешни работи со издвојување на сите пријави што се однесуваат на теми поврзани со велосипедисти и велосипеди од месец мај 2015 до февруари 2018 година.

Анализата покажува дека на 103-те пријави, околу 80 отсто се однесуваат за случаи во урбана средина, а најголемиот број од нив се во главниот град. Голем број од пријавите се и сообраќајни незгоди во кои во 88 отсто од случаите се работи за судир меѓу автомобил и велосипед. Статистичките податоци загрижувачки покажуваат и дека речиси две третини од случаите завршуваат со тешка телесна повреда, а 20 отсто со смрт. Овие податоци покажуваат дека условите за велосипедистите се на навистина ниско ниво. Граѓаните што секојдневно користат велосипед се свесни за лошите услови што постојат на патиштата и се надеваат дека ситуацијата набрзо ќе се подобри.

– За да стигнам до кампусот на факултетите, треба да го поминам поголемиот дел од градот. Не секаде има велосипедски патеки и инфраструктура, а онаму каде што ги има најчесто се блокирани од автомобили, кои се паркирани врз патеката. Ми се допаѓа што гледам дека на некои места се поставуваат столпчиња и се надевам дека истото тоа ќе се случи секаде каде што е потребно во градот – вели загрижен студент од Скопје. Градските власти велат дека во буџетот се предвидени 30 милиони евра за реконструкции на сите поголеми улици и булевари, како и дека при изградба на нови сообраќајници се предвидува и изградба на велосипедски патеки, со што би се зголемила безбедноста на оние што се движат со ова превозно средство.

Според информациите, во моментов се реконструираат велосипедски патеки на поголем број локации, односно на булеварите Кочо Рацин, 8 Септември и Кочо Рацин, како и на улиците Ѓорче Петров и Втора македонска бригада. Исто така, покрај реконструкциите, градските власти велат дека работат и на поставување заштитни столпчиња на велосипедските патеки по улиците и булеварите во централното градско подрачје, за да се спречат несовесните возачи да ги паркираат возилата на велосипедските и пешачките патеки. Изминатиов период вакви столпчиња се поставени на улицата Димитрие Чуповски (кај Министерството за правда), Свети Климент Охридски (пред седиштето на ЕУ во Македонија), митрополит Теодосиј Гологанов и други локации.

Покрај инфраструктурните зафати, градските власти велат дека се работи и на зголемување на достапноста на велосипедите до сите граѓани, а тука се вклучува и проектот за изнајмување велосипеди на јавното претпријатие „Градски паркинг“, како дополнителен мотив за граѓаните да користат велосипеди, како и планот за развивање на системот за јавен превоз во Скопје со можности за комбиниран превоз. Останува отворено прашањето кога навистина и суштински ќе се решат проблемите на велосипедистите на скопските коловози. Субвенционирањето за купување велосипеди од страна на градските и на општинските власти би донело поголем број велосипедисти на улиците на главниот град, па затоа неопходна е соодветна инфраструктура за сите граѓани да се чувствуваат безбедно во сообраќајот. 


Како до субвенции за велосипеди

Како и изминатите години, така и оваа градот Скопје и Центар ќе продолжат да доделуваат субвенции за купување велосипеди. Минатата година, градот Скопје првпат додели субвенции за набавка на велосипеди. Субвенционирањето претставува покривање средства во висина од 50 отсто од цената на велосипедот, но не над 4 илјади денари по лице. Тогаш интересот за јавниот повик беше голем, а од градските власти велат дека биле искористени сите средства со доделување субвенции на повеќе од 2.600 граѓани. Право на учество на годинашниот јавен повик имаат сите жители на градот Скопје и оние што сакаат да учествуваат треба да достават барање за надомест, доказ за жителство во градот Скопје, копија на важечка лична карта на барателот, копија од трансакциска сметка на барателот и доказ дека е извршено купување нов велосипед и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со датум од денот на објавување на повикот. Општината Центар ја почна практиката за субвенционирање при купување велосипеди уште во 2014 година, во рамките на проектот „Цел Центар на точак“. Јавниот повик за жителите на оваа општина се очекува да биде во мај, а од оваа локална самоуправа очекуваат огромен интерес за оваа мерка и сметаат дека со неа ќе се овозможи растоварување на сообраќајниот метеж, почист воздух и поздрава животна средина. Исто така, се очекува и општината Карпош да почне со иста практика и да ги субвенционира граѓаните при купување велосипеди.