Љубителите на планинарскиот велосипедизам добија нова нагорна пионерска велосипедска патека на Водно, која е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“. Патеката беше отворена со велосипедски натпревар во организација на „Прв до врв“, на кој учествуваа повеќе од 400 велосипедисти, а учествуваше и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
– Скопје ја доби својата прва нагорна (uphill) планинска велосипедска патека, лоцирана на нашето најголемо природно богатство Водно. Патеката симболично ја нарековме „Пионерска патека“, затоа што е прва патека од овој тип во Скопје, а и наедно прва од вкупно три вакви патеки, кои ги правиме во рамките на проектот „Велосипедски парк Водно“. Направена е во согласност со сите стандарди, со помош на експерти од Словенија, а наменета е исклучиво за велосипеди и исклучиво за движење во еден правец – нагоре. При изведбата на оваа патека е посветено големо внимание на заштита на природното опкружување, со минимално влијание врз околните дрвја и вегетација.

Среќен сум што на крајот на третата година од мојот прв градоначалнички мандат успеавме нашето сакано Водно да им го вратиме на луѓето што го користат за уживање во природата, планинарење, спорт и рекреација. Уште пред три години го средивме хаосот со паркирањето на Средно Водно, ги воведовме бесплатните автобуски линии за викенди и празници, за да ги намалиме метежите што ги создаваа автомобилите и да ослободиме повеќе простор за спорт и рекреација. Сега со проектот „Велосипедски парк“ го развиваме планинскиот велосипедизам, кој бележи растечка популарност во нашата држава – рече Шилегов.
Тој истакна дека планинската велосипедска трка е уште еден доказ дека постои голем интерес за планинскиот велосипедизам кај нашите сограѓани и изрази уверување дека по завршувањето на светската пандемија, поради која мобилноста на туристите во светот е сериозно лимитирана, велосипедскиот парк Водно ќе прерасне во туристичка атракција и на тој начин ќе ја збогати туристичката мапа на Скопје.
Новата нагорна планинска велосипедска патека е со променлива широчина (најмногу до три метри), со вкупна должина од 3.432 метри и се протега од полициската станица до Средно Водно.

За да се зголеми безбедноста на сите посетители на Водно, таа е посебна патека наменета исклучиво за велосипедистите, односно целосно одвоена од патеките на Водно што се наменети за пешаци и планинари. Патеката е исклучиво за движење во еден правец – нагоре. Пионерската патека е сертифицирана и ги исполнува условите за организација на меѓународни натпревари на северните падини на Водно.