Два новопоставени контејнера, со зафатнина од 3,2 кубни метри, биле опожарени во текот на завчерашната ноќ на главната улица во населбата Ѓорче Петров. Во истиот период се запалени и шест пластични контејнери од 1,1 кубен метар во населбата Ново Лисиче. ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје и за време на изминатиот викенд се соочила со ваков инцидент во скопската населба Радишани, каде што изгореле три контејнери од 1,1 кубен метар и еден специјален контејнер-ѕвоно, наменет за селекција на стакло. Сите случаи на опожарување на садовите за фрлање на отпадот биле пријавени до надлежните органи, кои ќе преземат соодветни мерки за да се пронајдат и санкционираат сторителите.

– Опожарените садови се целосно уништени и неупотребливи. Веќе имавме случај на еден опожарен нов контејнер на улицата Рузвелтова, а во текот на минатата ноќ изгореа уште два нови и шест од старите садови за фрлање на отпадот.
Покрај значителната финансиска штета што ѝ е нанесена на ЈП „Комунална хигиена“, овие инциденти предизвикуваат големи проблеми при фрлањето, собирањето и транспортот на комуналниот отпад – се пожали директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.

Од претпријатието апелираат да престанат вандализмот и уништувањето на контејнерите, за да можат нивните екипи навремено да ги извршуваат своите работни обврски на терен.