Зголемувањето на бројот на жителите, големата збиеност на зградите и на инфраструктурните објекти, намалувањето на зелените површини создаваат најразлични проблеми за жителите на градот Скопје. Сообраќајните метежи, проблемот со паркирање, загадувањето на воздухот се само некои од проблемите со кои скопјани се справуваат секојдневно, а како сериозен проблем што се наметнува со современиот живот претставува и бучавата. За жал, градот Скопје, како и другите пренаселени градови во светот, го има овој проблем.

Проблемот со бучавата е директна последица од урбаните средини. На некои граѓани нејзиното влијание е помало кај друго поголемо, но има и такви според кои бучавата можеби претставува и најголем проблем во градското живеење. За да се избегнат спречат или намалат штетните ефекти врз здравјето на луѓето и животната средина, граничните вредности на ниво на бучава се однесуваат на ограничување на нивоата на сите извори на бучава. Пропишаните гранични вредности претставуваат 55 децибели и се дозволени во текот на денот, а 45 децибели навечер. За сите прекршители на Законот за бучава се предвидени парични казни. Кога станува збор за локал, дискотека или кафуле во кое инспекторите ќе утврдат дека предизвикува врева што ја надминува границата на дозволеното им следува парична казна од 500 евра. За раководителите на таквите објекти, казната изнесува околу 200 евра.

Парични казни за нарушување на јавниот мир можат да заработат и сите приватни лица од чии домови се слуша врева и бучава што излегуваат од дозволените граници. – Пријавите што стигнуваат до овластените инспектори за животна средина на градот Скопје за бучава, се однесуваат на бучава од угостителски објекти. Поради тоа што надлежност врз угостителските објекти имаат општините во градот. Најмногу од пријавите што се однесуваат на бучава од угостителски објекти се од територијата на општината Центар и истите тие се препратени во истата општина. За бучавата од угостителски објекти граѓаните може да се обратат до општината на чија територија се наоѓа угостителскиот објект – велат од градот Скопје.

Поранешен жител на општината Центар, кој живеел на улицата Македонија, се иселил од централното градско подрачје токму поради големата бучава. Во близината на неговиот дом имало голем број локали што предизвикувале бучава поголема од дозволената. При пријавувањето во полиција за бучава од одреден локал, пред моментот на пристигнување на надлежните, музиката се намалувала и се утврдувало дека во локалот нема надминување на бучавата од законските гранични вредности. По неговите неуспешни пријавувања, надлежните му соопштиле дека доколку повторно пријави нарушување од бучава, а се констатира дека нема, ќе добие казна за лажно пријавување. По ваквиот случај тој и неговото семејство се иселиле и веќе неколку години живеат надвор од централното градско подрачје.

На голем дел од жителите на Скопје им пречи вревата од градилиштата, звуците на сообраќајот, но исто така и од вревата од кафулињата и бучните соседи. Скопје, израснувајќи во главен трговски, економски и деловен центар во Македонија, се соочува со постојан пораст на комуналната врева. Тоа се должи на зголемениот број моторни возила во сообраќајот, но и на несоодветно урбанистичко планирање на станбените населби. Во градот последниве години се создаваат мешовити индустриско населени зони со училишни објекти и постојано се градат станбени и деловни објекти, во густо населени зони, без заштита од ширењето на вревата, како и станбени, училишни и рекреациони објекти покрај фреквентни сообраќајници. Затоа потребно е да се почитуваат законските регулативи во Законот за заштита од врева во животната средина и подзаконските акти што се однесуваат на индикаторите на вревата со што би им се олеснил животот на скопјани.