Граѓаните ги искршија автомобилите од неколкукратните зафати на улицата - Фото: Маја Јаневска-Илиева

Којзнае по кој пат се раскопува улицата Бутелска. Жителите на општината Бутел се жалат на отежнатите услови за одвивање нормален сообраќај и на големата прашина што се крева од градежните зафати. Се копаше лани, се копа и сега, а целата улица е крпеници

Жителите на населбата Бутел и на населбите што се поврзани со неа веќе не паметат по кој пат се раскопува улицата Бутелска. Но она што знаат е дека не гледаат крај на градежните зафати на оваа сообраќајница. Им се чини дека постојано се раскопува, а никогаш не се доправа. Дворовите и домовите им се наполнија со прашина од сите градежни фронтови што се отворени во општината на сите страни. Жителите велат дека е убаво што конечно нешто се гради и во оваа општина, но некако им се чини дека тоа се прави хаотично и без ред.

Раскопана е улицата Бутелска, а на семафорите пред да се сврти кон поранешната фабрика „Наше дете“, на просторот на поранешните општински бараки, се градат згради. Од градилиштата повторно се креваат облаци прашина. Речиси до скоро имаше градежни зафати на пробивањето на новиот булевар Кристијан Тодоровски-Карпош, а сосема на другиот крај сѐ уште е раскопано и уште се копа, поради изградбата на булеварот Босна и Херцеговина. Уште неисчистена прашината од изградбата на кружниот тек на улицата Втора македонска бригада, пред основното училиште „Петар Здравковски-Пенко“, сега повторно се крева прашина на Бутелска.

Поплаките што ги упатуваат се однесуваат и на оштетени автомобили од раскопаниот терен. Велат дека им е смачено од сообраќајниот метеж што се случува секојдневно. На Бутелска сега не можат да се разминат ниту автобусите што сообраќаат во овој дел, ниту пак автомобилите, бидејќи целокупниот сообраќај се одвива на половина коловозна лента од улицата, затоа што другата половина е раскопана.

Пред да се изгради булеварот Кристијан Тодоровски-Карпош, оваа сообраќајница беше единствен влез и излез во општината за 36.184 жители, колку што се евидентирани на последниот попис. Но сега, велат бутелчани, во сиот овој хаос со повторното раскопување на Бутелска, пак им се случува сообраќаен метеж, бидејќи токму на кривината кај социјалните згради десно, во правец на Бит-пазар, не можат да се приклучат, па тука настанува хаос. Возилата што доаѓаат од Цетинска мораат да излегуваат на улицата Хо Ши Мин. Во понеделникот, поради зафатите на терен, сега на другата страна на коловозот, автобусите што сообраќале кон центарот на градот вртеле лево, па одоколу преку улицата што поминува кај капелата на градските гробишта, преку улицата Боца Иванова, доаѓале кај кружниот тек во Бутел за да продолжат на следната постојка на Босна и Херцеговина.

Граѓаните велат дека повеќекратното раскопување им го комплицира и инаку горчливото сегашно секојдневие со пандемијата. И не се во прашање само сообраќајните проблеми туку и тоа што се изнаголтаа прашина, а Бутелска пак е по целата должина само крпеници. Улицата последен пат со нов асфалт беше послана во 2006 година, кога градоначалник на Скопје беше Трифун Костовски. Улицата Бутелска, како што многумина ја нарекуваат, всушност е посебната улица Александар Урдаревски, која е во продолжение на Бутелска. Оваа улица се протега од Прокредит банка во Бутел до семафорите кај старите општински бараки, а сега е раскопана од фирмата „Солопром“ до Прокредит банка.

– Минатата среда почна асфалтирањето на дел од улицата Александар Урдаревски во Бутел, кое се врши во рамките на проектот за реконструкција на улицата на потегот од кружниот тек на улицата Боца Иванова до крстосувањето со улицата Бутелска. Додека траат градежните работи на терен е воведен привремен сообраќаен режим и апелираме до сите учесници во сообраќајот да бидат внимателни и да ја приспособат својата брзина на движење според условите на патот – порачаа од Град Скопје.
Оттаму не ни одговорија што остана незавршено и зошто повторно е раскопана оваа сообраќајница, на колкав потег, од каде до каде, ќе има градежни зафати и колку ќе траат.

Но некои од граѓаните тврдат дека и она што е асфалтирано е неквалитетно.
– Во четвртокот со такси се враќав по работа дома, бидејќи брзав да не ме фати полициски час. Кога такси-возилото дојде до новоасфалтираниот дел на Бутелска, подрипна неколкупати, се исплашив да не има некаков проблем автомобилот, но таксистот рече дека тоа било од лошо поставениот асфалт. Се прашувам дали може нешто еднаш и квалитетно да се направи, а не да се копа неколкупати и пак да не чини – коментира жителка од скопската населба Радишани.

Во 2018 година на улицата Бутелска се градеше атмосферска канализација, а проектот беше на Град Скопје и се реализира во соработка со Општината Бутел. Градежните работи, како што тогаш информираа од општината, се изведуваа во две фази. Првата беше на делницата од кружниот тек на влезот во Бутел до семафорите. Втората фаза, пак, на делницата од семафорите кај пазарчето до објектот на Прокредит банка. Градежните работи ги изведуваа вработени од компанијата „Јубај“, а вредноста на проектот изнесуваше 11,8 милиони денари.