Користење техничка вода за парковите ќе ни заштеди и пари и пивка вода - Фото: Игор Бансколиев

Градските власти велат дека средствата што се издвојуваат од сметките за вода се користат само за одржувањето на хидрантската мрежа, а општините се задолжени за изградба на бунари со пари од сопствените буџети. Досега Градот има изградено неколку бунари, кои претежно се лоцирани во Градскиот парк, веќе неколку години вакви бунари има и во општините Аеродром и Карпош, а во некои од општините одамна се планира, но сепак ништо не е направено досега. Инаку, изградбата на бунари е мошне скапа инвестиција, но трошењето пивка вода може да нѐ чини прескапо

Скопјани преку сметките за вода плаќаат и надомест за одржување на градското зеленило, што е во висина од 20 отсто од наплатената цена на услугата. Ако сега граѓаните знаат дека нивни пари се издвојуваат за трошење вода за пиење за одржување на зеленилото, им се наметнува прашањето зошто не се користи друга, технолошка вода, а не од изворите од Рашче. Прашањето е дали може од тие 20 отсто да се издвојат доволно средства и за изградба на бунари што ќе се користат за полевање на парковите, со што помалку ќе се троши водата за пиење што тие ја плаќаат. Но на ова прашање не треба да се гледа само од економски аспект, затоа што парите сега одат од граѓанскиот џеб, туку и од аспект на заштедата на водата за пиење и за други потреби. Рационалното трошење на пивката вода ќе станува сѐ поактуелно. Со секое изминато лето, со оглед ни долгите и сушни периоди што Скопје и скопјани секогаш ги имаат, како и со веќе почнатите климатски промени, се појавува стравот од намалување на водотеците, иако Скопје, барем засега, е доволно снабдено со вода за пиење.

– Колкупати сме биле сведоци налето како цревата со пивка вода се оставени по парковите да течат, па парковските површини и други градски зеленила пливаат во пивка вода наместо да се полеваат со бунарска техничка вода. Водата за полевање на зеленилото не само што сега ја плаќаме ние граѓаните, туку е загубена вода, која веројатно ќе ни недостига во летните жешки денови. Да не зборувам за полевањето дворови, градини и слични површини, вели повозрасна скопјанка.

Пивката вода ќе станува сѐ подрагоцена, за што досега многупати предупредувале експерти. Таа не треба да се троши таму каде што може да се користи техничката вода. Токму затоа градот и општините треба да размислуваат за изградба на што повеќе бунари за наводнување на парковските површини. Градските власти велат дека овие средства што се издвојуваат од сметките за вода се користат само за одржувањето на хидрантската мрежа, а општините што се задолжени за изградба на бунари, треба да издвојуваат пари од сопствените буџети. Досега Градот има изградено неколку бунари, кои претежно се лоцирани во Градскиот парк, веќе неколку години вакви бунари има и во општините Аеродром и Карпош. Во некои од другите општини одамна се планирало, но сепак ништо не е направено.
Иако на изглед се чини едноставно и евтино, изградбата на бунари е мошне скапа инвестиција.

– Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ работат за што е можно поголем број јавни зелени површини да имаат систем за полевање што е од техничка вода од бунари. Наредна локација каде ќе има ваков бунар е новата урбана градина во Ново Лисиче. Процентот што се одвојува во сметката за вода е за целокупното одржување на хидрантскиот систем за наводнување на зелените површини, додека финансирањето изградба на бунари за наводнување се прави од буџетот на Град Скопје.
Треба да се напомене дека во градска надлежност се поголемите парковски површини и зеленилото покрај булеварите, додека блоковското зеленило е во надлежност на општините, каде што самите општини досега имаат изградено повеќе вакви бунари – велат од Град Скопје.

Бунари има и во општината Карпош и тие целосно се користат за полевање на зелените површини.
– Општина Карпош има осум бунари за полевање на парковското зеленило, кои се наоѓаат по должината на булеварот Партизански одреди, во делот што транзитира низ територијата на самата локална самоуправа, и еден во ООУ „Лазо Трповски“. Општината за наводнување на своите тревни и парковски површини ги користи бунарите од ЈП „Паркови и зеленило“ и во скора иднина не планира ископи на нови бунари, поради високите трошоци за изведба на ваков тип бунари. Локалната самоуправа наводнува околу 2.000 метри квадратни тревна зелена површина на својата територија – информираат од Одделението за односи со јавноста при Општина Карпош.

Во општината Чаир, во која исто така има големи парковски површини, одамна се планира изградба на бунари, но сѐ уште нема изградено ниту еден.
– Планирана е изградба на четири бунари за наводнување на парковското зеленило. Локациите каде што тие ќе се копаат ги има одредено ЈП „Паркови и зеленило“. За точниот период на изградбата и на кои паркови се тие предвидени ќе кажат од ова јавно претпријатие – велат од Општина Чаир.

Она што е најчудно и речиси несфатливо е спротивставеноста на изјавите од повиканите фактори. Имено, од ЈП „Паркови и зеленило“ дадоа кратко образложение.
– Ние немаме ништо со оваа работа – кажаа од претпријатието.