Градот Скопје информира дека од денеска, 31 август, со почеток од 8 часот, до утре, недела, 1 септември, до 8 часот, булеварот Крсте Мисирков ќе биде комплетно затворен за сообраќај. Сообраќајницата ќе биде затворена на потегот од клучката Бит-пазар до крстосницата со булеварот Гоце Делчев, во насока кон центар, односно страната кај Бит-пазар. Поради тоа, комплетниот автобуски и моторен сообраќај ќе се одвива преку клучката Бит-пазар, булеварот Александар Македонски, улицата Беласица и булеварот Гоце Делчев.

Исто така, денеска ќе се врши асфалтирање со завршен слој на булеварот Кочо Рацин, и тоа на потегот од раскрсницата со булеварот Кузман Јосифовски-Питу до раскрсницата со улицата Свети Кирил и Методиј, во насока кон центарот. За таа цел, оваа коловозна лента ќе биде затворена за сообраќај 24 часа. Автобускиот превоз ќе биде пренасочен кон булеварите Крсте Мисирков, Гоце Делчев и Филип Втори Македонски.

Градот Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат воведениот привремен сообраќаен режим и поставената патна сигнализација и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот. Од ЈСП Скопје информираа дека автобуските линии што сообраќаат на овој потег ќе возат со изменет режим од вообичаениот.