Есенва ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни листопадни садници

Булеварот Теодосиј Гологанов со есенската акција на градот е обновен со 40 нови дрвја. Акцијата за зазеленување на градот меѓу другото опфати и замена на претходно исечените и паднати дрвја на оваа сообраќајница, но и обновување на постојните дрвореди во другите делови од Скопје.

– Ги заменуваме 40-те исечени и паднати дрвја со нови здрави висококвалитетни садници, односно со ист вид дрвја како што претходно имало во овој дрворед, и засадуваме 33 садници од видот јавор и 7 садници каталпа. Приоритет е обновување на сите постојни дрвореди во центарот на градот и подигање нови во Ѓорче Петров и на „Бит-пазар“. Во Скопје по должината на градските сообраќајници и во средишните жардиниери на булеварите има речиси 500 пенушки, кои ќе бидат отстранети и на нивно место ќе се засадат нови здрави садници – рече вчера градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Тој додаде дека сите дрвја ќе бидат засадени внимателно, грижливо, задржувајќи се на автентичните видови какви што имало засадено на тие места. Шилегов потсети дека се обврзал пред граѓаните да го врати изгубеното зеленило, кое претходната власт го уништуваше каде што ќе стигне, додека, како што кажа, сегашната се бори за ново зеленило на секој сантиметар слободен простор.

– Работиме на намалување на загадувањето и подобрување на животната средина за да се надомести изгубеното зеленило, да се зголемат парковите и дрворедите и да се заштитат сите јавни зелени површини во сите општини во градот. Им обезбедуваме на нашите сограѓани повеќе чисти зелени површини. Влогот во здрава животна средина е трајна придобивка, која директно влијае врз здравјето на граѓаните – порача Шилегов.
Есенва ќе бидат засадени 3.500 висококвалитетни листопадни садници на повеќе локации во сите скопски општини. Оваа акција градот Скопје ја реализира заедно со општините, кои во неа учествуваат со свои работници, механизација и садници.