Екипите на Град Скопје почнаа градежни активности за реконструкција на булеварот Александар Македонски во Гази Баба, на потегот од крстосницата со улица 16. Македонска бригада до пешачкиот мост пред клучката кај Хиподром, која го поврзува овој булевар со автопатот. Реконструкцијата се реализира фазно, а на терен истовремено се работат три од вкупно четири фази на реконструкцијата. Булеварот ќе се реконструира во должина од 5.300 метри, што претставува најдолга делница на која работи Град Скопје во моментов.
– Градот Скопје почнува со голема реконструкција на булеварот Александар Македонски, односно источниот влез во нашиот град. Во текот на минатата година го завршивме западниот дел, сега ќе го средиме источниот дел, и тоа од крстосницата кај Хиподром до поранешниот саем во Автокоманда.

Ова е потег поголем од пет километри, ќе работиме деноноќно и ги замолувам граѓаните да имаат трпение во однос на сообраќајните метежи, бидејќи во тек е голема градежна офанзива за изградба и реконструкција на градските улици, и ќе ја пречекаме зимата со целосно обновена инфраструктура во изминативе две години. Куриозитет овде е што првпат Град Скопје ќе изврши експропријација на земјиште, за да изградиме велосипедска патека што ќе го подобри урбаното живеење и, конечно, ќе има велосипедско поврзување на граѓаните од Синѓелиќ и Маџари со остатокот од градот. На овој потег не е работено четириесетина години – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Трите фази од реконструкцијата истовремено ги реализираат три различни градежни компании, а вкупната вредност на трите договори изнесува околу 202 милиони денари, со вклучен ДДВ. Реконструкцијата ќе се искористи и за поставување или замена на подземните инфраструктурни инсталации.

Градежната офанзива за изградба и реконструкција на скопските улици се одвива со забрзана динамика. Шилегов упати апел до граѓаните да ги почитуваат воведените привремени сообраќајни режими во повеќе делови во Скопје. На почетокот на градежните работи за реконструкцијата на булеварот Александар Македонски присуствуваше и градоначалникот на Општина Гази Баба, Борче Георгиевски.