Фото: Дарко Андоновски

Кај Драчево загинаа пет лица. Во сообраќајните билтени на МВР често стои дека возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. А дека брзо се вози по скопските сообраќајници и дека не се почитуваат сообраќајните правила, секојдневно сведочат граѓаните. Оние што секој ден поминуваат по булеварот Борис Трајковски велат дека токму на делот каде што се случи вчерашната сообраќајна несреќа, близу бензинската пумпа на „Лукоил“, постојано се вози брзо

Сообраќајните билтени на Министерството за внатрешни работи секојдневно информираат за сообраќајни несреќи во кои има загинати или тешко повредени лица. Во вчерашната стравотна сообраќајна несреќа што се случи утрото на булеварот Борис Трајковски, близу скопската населба Драчево, во судир на камион за смет и автомобил „рено 5“, загинаа пет лица. МВР и јавен обвинител вчера беа на местото на настанот и извршија увид, а телата на починатите беа однесени на обдукција. Истрагата ќе покаже што е причина за несреќата.
Почина и двегодишното девојче што беше прегазено во вторникот на паркингот на улицата 23 Октомври од патничко возило „фиат добло“.
Само во текот на завчерашниот ден, според информации од Секторот за внатрешни работи – Скопје, се случиле шест сообраќајни незгоди во кои животот го загубиле шест лица. Во сообраќајниот билтен е наведено дека било констатирано дека 15 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. А дека брзо се вози по скопските сообраќајници и дека не се почитуваат сообраќајните правила, секојдневно сведочат граѓаните. Оние што секој ден поминуваат по булеварот Борис Трајковски велат дека токму на делот каде што се случи вчерашната сообраќајна несреќа, близу бензинската пумпа на „Лукоил“, постојано се вози брзо.

Жител од населбата Драчево вели на потегот на населбата Пинтија има семафори, кои помагаат да забават оние што возат брзо, но по тој дел, на тие три километри што останаа непроширени од булеварот до мостот кон Драчево навистина се вози пребрзо и тука се случуваат сообраќајки. Притоа додава дека и ѓубреџиите на тој дел од патот возат брзо и често бил сведок на тоа.

– За сите сообраќајни несреќи што се случуваат причина е човекот. За жал, при полагањето на возачкиот испит повеќе не се полага предметот Етика. Тој беше многу значаен за однесувањето во сообраќајот. Неприспособената брзина, недавањето предност на минување, непочитувањето на сообраќајната сигнализација и на семафорите и низа други околности се причина за тешки сообраќајни несреќи. Секако, тука се и психофизичката напнатост на луѓето, стресот, економската ситуација и редица други фактори. За да не дојде до несакани последици, мора сите да дадат свој придонес, институциите, поединците, односно МВР, учесниците во сообраќајот. Но мислам би требало да се воведе и повторна обука за секој што бил учесник во сообраќајка и секако да се санкционираат оние што не ги почитуваат сообраќајните правила и сигнализацијата.

На сообраќајниците што важат за црни точки е потребно зачестено да има сообраќајни контроли, радари, камери, секој да придонесе од свој аспект, вели Ељмир Мустафаи, сообраќаен инженер. За скопјани некои сообраќајници се познати по сообраќајните несреќи и многумина ги сметаат за црни точки, иако, според сообраќајните експерти, црни точки, кои порано биле дефинирани во закон, сега веќе не постојат. Всушност, никаде во светот не се дефинираат црни точки. И покрај тоа, кај нас за опасен важи булеварот Партизански одреди, кој е познат по сообраќајни несреќи. Потоа булеварот Србија, на кој се вози пребрзо Таму уште пред два месеца се поставени семафори, но сѐ уште не работат. Скопјанец вели дека не работат ни семафорите кај Комплекс банки, веќе подолг период. Прашавме во градот од која причина тие не работат и дали некој граѓанин им се пожалил за тоа, не добивме никаков одговор.

– Во текот на 2019 година на булеварот Борис Трајковски се случиле три сообраќајни незгоди со потешки последици. Во овој период сообраќајни незгоди со потешки последици најчесто се случувале на булеварите Партизански одреди, Борис Трајковски, Јане Сандански, 12. Македонска бригада, Киро Глигоров, Кузман Јосифовски-Питу, потоа на улиците Џон Кенеди и Кемал Сејфула, како и на улиците Ѓорче Петров, Јадранска магистрала и Алија Авдовиќ. Најзагрозени патни правци на отворени патишта биле Скопје – Тетово, Скопје – Велес, Скопје – Куманово, како и регионалниот пат Хец – Козјак – регионален пат Скопје – Велес – информираат од МВР.

Брзо се вози и на булеварот Илинден, а пред четири дена на оваа сообраќајница и улицата Аминта Трети, поранешна Ленинова, се случи сообраќајна несреќа помеѓу мотоцикл и патничко возило, во која мотоциклистот доби тешки телесни повреди. Брзо се вози и во скопската населба Топанско Поле, а најчесто страдаат деца на улицата Лазо Трповски, сообраќајницата пред топлификацијата „Скопје Север“. И покрај тоа што има семафори, пешаци страдаат и на Бит-пазар, на булеварот Крсте Мисирков, а причина не е само брзото возење туку и преминувањето на необележени места, пред семафорот и обележениот пешачки премин.

Виновни се секако и пешаците, но најмногу оние што не ги почитуваат сообраќајните правила, па секојдневно со своите автомобили демонстрираат брзина по скопските улици.


Најчести причини за сообраќајки

Сообраќајните несреќи се секојдневие низ светот, а причините за нив се различни. Бројката на несреќи секојдневно се зголемува, а со тоа и бројот на жртвите. Според Светската здравствена организација, сообраќајните несреќи на патиштата предизвикуваат 1,35 милион смртни случаи во светот секоја година. Тоа значи дека едно лице умира во сообраќајки на секои 25 секунди. Според статистичките податоци од Министерството за внатрешни работи, во Македонија за 2018 година имало 129 загинати во сообраќајни несреќи. Според МВР може да се издвојат неколку фактори за сообраќајни несреќи: брзо возење, непочитување на правилата за првенство на минување, непрописно движење и свртување, управување под дејство на алкохол и слично.

[email protected]