Фото: Дарко Андоновски

Поставената бомба близу автомобил на паркингот спроти уметничкото училиште, зад Млин Балкан, ги вознемири граѓаните. И покрај тоа што многумина се обидуваат да го релативизираат завчерашниот случај, сепак се поставува прашање што стои зад тоа, која е причината, дали е во прашање тероризам, одмазда, рекет или само заплашување. Во секој случај децата беа на мета

Последниот случај за подметната бомба во близината на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ и зад здравствениот дом познат како Млин Балкан во центарот на Скопје, кај голем дел од граѓаните предизвика страв, вознемиреност и загриженост што може да ни се случи пред сопствениот двор. Инцидентот беше причина учениците да бидат евакуирани и накратко да биде прекината наставата, додека полициските екипи ја завршат работата на терен, околу бомбата што беше поставена до бел автомобил, марка „порше“, со скопски регистарски таблички. Интересно е што на социјалните медиуми веднаш се појавија вести дека имало дојава за бомба во близината на средното уметничко училиште.

Всушност, инцидентот се случил за време на големиот одмор, кога на паркингот во училиштето пристигнале екипи на полицијата. Од нив било побарано учениците и наставниците да го напуштат училишниот објект и да излезат надвор. По час и половина поминати надвор од училишната зграда, наставата продолжила во училниците. Директорот на средното уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, Димитар Филипов, изјави во медиумите дека наставата се одвивала нормално, а дека екипите на Министерството за внатрешни работи работело на паркингот зад училиштето.

– Не беше ништо страшно во основа. Дојдоа екипите од МВР и побараа еден дел од нашето училиште да биде евакуиран. Конкретно се работи за паркингот зад Млин Балкан. Тоа се случуваше за време на големиот одмор, така што немаше сериозен прекин на наставата – вели Филипов.

Но она што се знае е дека полициските службеници пронашле направа што личи на бомба. И покрај тоа што многумина се обидуваат да го релативизираат завчерашниот случај, сепак се поставува прашањето што всушност и какво поглавје отвораат ваквите настани, што стои зад нив, која е причината, дали е тероризам, одмазда, рекет или само заплашување. Граѓаните сѐ уште добро се сеќаваат на автомобилот-бомба во кој беше повреден поранешниот претседател Киро Глигоров. Колку беше сериозна бомбата што завчера беше најдена близу уметничкото училиште ќе покажат експертизите на МВР.

– На 18.12.2019, во 8.36 часот, во СВР-Скопје е пријавено дека на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, на паркинг-простор зад здравствениот дом „Идадија“, била пронајдена рачна бомба оставена покрај автомобил. Таа била подигната и дадена за понатамошна постапка. Полициски службеници излегле на местото на настанот и се работи на расчистување на случајот – кратко ни одговорија од МВР. С.Р.

Полицијата сè уште врши експертиза   Фото: Дарко Андоновски

Што велат експертите

Облик на заплашување и психолошка траума

– За жал, ваквите случувања, како што е подметнатата бомба, се своевиден облик на заплашување на луѓето, меки цели на загрозување, поради што се шири голем страв меѓу популацијата. Ова треба да биде поука за надлежните служби, кои мора да реагираат и репресираат, но и да ги зголемат своите потенцијали за да може да се намали тензичноста од ваквите случувања – вели д-р Борис Мургоски, редовен професор на Факултетот за безбедност во Скопје.
Според психолозите, експлозијата може да предизвика акутна реакција на стрес. Нивото на страв и вознемиреност доживеано по експлозија зависи од повеќе фактори, вклучувајќи и лична повреда, повреда или смрт на членови на семејството или пријатели.
– Луѓето афектирани од експлозивно оружје имаат голем ризик од страдање и психолошка траума. Исто така, лицата што се афектирани од експлозија или експлозивни направи ја зголемуваат можноста за предизвикување емоционална штета. Причините за користење експлозивна направа може да бидат најразлични. Во ваков случај, исто така, може да станува збор за психопатолошко отстапување или девијации кај личноста – вели Јасмина Јонуз, магистерка по советодавна психологија.
Социолозите, пак, настанот го толкуваат како драматизација за одвлекување на вниманието од многу позначајни работи во земјава.
– Драматизацијата што ја направија телевизиите и социјалните мрежи е сосема непотребна. Ако е некој однадвор, кој не знае за случувањата во земјава, ќе рече дека овде се случува нешто страшно. Невидено, а всушност целта е само да се оттргне вниманието од случувањата во парламентот, во судството, време е на предизборие и случајот е напумпан до тој степен што целата ментална енергија оди таму. Би рекол дека ваквите настани како да се за релаксација од претходново – објасни професорот Илија Ацески.