Градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ, со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Билјана Ивановска и останатите членови, најавија продолжување на започнатите активности, со цел расчистување на одредени предмети за кои општината веќе покрена конкретни постапки пред институциите.

Општина Центар до ДКСК достави извештај за повеќе предмети, кои, како што велат од Општината, доколку бидат расчистени од страна на останатите институции, ќе придонесат во решавањето на состојбата со урбанистичките планови кои Уставниот суд, после укинатата општинска одлука за неспроведување на плановите односно мораториум, ги прогласи за законски и важечки.

– Со предавањето на овие предмети мислам дека заедно со членовите на ДКСК ќе дадеме забрзан тек на работите, бидејќи со расчистување на тие предмети ќе успееме да докажеме одредени незаконски работи кои се случувале во минатото, а за жал денеска ги гледаме како последици. Најважно е сите процеси кои се водат пред сите институции, но и процесите кои ги води Центар да бидат јасни и чисти и точно да се знае каде се направени прекршувања и кој ќе сноси одговорност за нив – изјави на прес-конференцијата Богдановиќ.

Тој најави дека во периодот што претстои службите на Општина Центар и градоначалникот ќе продолжат со активности и поднесоци до сите надлежни државни институции, со единствена цел – расчистување на сите урбанистички прекршувања кои се случиле во 2012-та година и претходно.