Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во стариот Закон за урбанистичко планирање, општините немаа никакво ограничување за тоа колку да трае суспензијата или неспроведувањето на плановите, ниту пак беше утврдено кој ќе ја сноси штетата доколку одредена суспензија или било каква друга одлука биде донесена, рече на денешната седница на советот, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ.

Во контекст на изградбата на зградите спроти „Холидеј Ин“, тој смета дека овој закон е лош, има низа недоречености поради кои општината може да сноси последици.

Кажа дека законот дозволува суспензија на плановите на 6 или 12 месеци, но исто така се дава можност по завршување на суспензијата, оштетени лица од промената на планот да поднесат тужба.

– Доколку се пробијат роковите или пак се нанесе некаква штета при носењето на ДУП-от, одговорен е донесувачот на планот, односно Советот на Општина Центар – нагласи градоначалникот.

Тој исто така посочи и пример според стариот закон, кога во Општина Центар, во сличен процес, при промена на план кој што бил за одредена намена, еден од инвеститорите ја тужел државата, при што оштетата по пресудата наплатена во тој случај ја обештетила државата, а согласно новиот закон, доколку некој инвеститор поднесе тужба, оштетата паѓа на товар на општината.