Фото: Игор Бансколиев

Продавниците во кои нема ниту тоалет ниту вода се вистински проблем за вработените. Такви продавници има во трговски центри и на зелени пазари во сите скопски населби

Секојдневно мака мачат продавачите што работат во објекти без санитарен јазол. Нивното долго поставувано прашање е како може законски да се дозволи отворање објекти што не ги задоволуваат ни основните санитарни критериуми. Продавниците во кои нема ниту тоалет ниту вода претставуваат сериозен проблем за вработените, кои секојдневно во текот на работното време мора да одат до најблискиот тоалет од соседната продавница или можеби во некој подалечен трговски или друг објект. Продавници без санитарии има во трговски центри, на зелени пазари, особено во мали колонијали во сите скопски населби.

– Работам во продавница за книги во Градскиот трговски центар, а дуќанот е изнајмен. Во него нема ниту тоалет ниту вода. Подот го чистам со џогер на кој има хигиенско средство, а по бришењето на рафтовите рацете ги бришам со влажно марамче и потоа користам средство за дезинфекција. Кожата ми се исуши и имам чувство дека постојано имам валкани раце, бидејќи не можам да ги измијам, иако, нели, во ова време на пандемија се препорачува правилно миење на рацете. Но најголем проблем ми е кога морам во тоалет, бидејќи морам да трчам до улицата Македонија, до другиот дуќан, бидејќи во блиското кафуле во кое претходно ни дозволуваа да користиме тоалет сега не можеме.

И во ТЦ „Соравија“ не ни дозволуваат, бидејќи јавниот тоалет одамна го затворија за надворешни лица и сега имаат право да го користат само нивните вработени. Не можам да разберам како може некој да издава дуќан или да отвори продавница а во неа да нема тоалет, зарем не е многу нормално тој да биде составен дел на деловниот простор – прашува една скопјанка.
Проблемот што го имаат сите продавачи што работат во вакви објекти без санитарен јазол од физиолошки, лесно може да стане здравствен, особено во периоди кога се шират вируси и бактерии. Тоа го потврдуваат и лекарите.

– Коронавирусот ќе извади на виделина многу проблеми со кои ќе треба да се справуваме адекватно и на соодветен начин. Секогаш сме на страната на здравјето на граѓаните и тука веднаш во прв ред ќе ги спомнам продавачите во маркетите што работат и во отежнати услови. Од тој аспект, како доктор ќе кажам дека не може некој да работи осум часа и да се воздржува од физиолошки потреби. Долгото воздржување може да предизвика уринарна инфекција, дури и заболување на бубрезите. Досега фармацевтската индустрија отиде далеку, ако зборуваме за брзата дезинфекција на раце, но, секако, тоа не е доволно во една продавница.

Во денешно време ние зборуваме за правилно миење раце, а се соочуваме и со проблемот за непостоење на вода или тоалет во една продавница. Секаде во светот во близина на фреквентни улици, каде што има трговски објекти и центри, надлежните водат сметка да изградат и тоалети, како за дел од вработените во продавниците или други продажни локали, така и за муштериите што ги посетуваат тие места. Што е интересно, никој не се прашува дали тие дуќани ја исполнуваат законската регулатива, во согласност со намената за која се отворени.
– Две институции се одговорни за издавањето на дозволите, во зависност од тоа за каков тип продавници станува збор, дали се тоа колонијали за храна, маркети или се продавници за козметички производи или аптеки. Дозволи издаваат Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен инспекторат – вели д-р Верица Фидановска Добросавлевиќ, специјалистка по хигиена и раководителка на Одделението за хигиена со здравствена екологија во Центарот за јавно здравје во Скопје.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека продавачите во вакви продавници можат да користат тоалет во непосредна близина. Ако станува збор за оператор со храна што опслужува гости, тогаш задолжително мора да има санитарен јазол.
Од Државниот санитарен инспекторат, пак, во однос на прашањето дали постои законска регулатива со која ваквите објекти треба да имаат тоалет и секако проточна вода, нѐ упатија до Државниот инспекторат за труд, од каде што сметаат дека можеби имаат одговор од аспект на условите за работа на вработените во ваков вид објекти.

– Државниот санитарен и здравствен инспекторат, во согласност со законските надлежности, не е надлежен за ценење на условите за работа на наведениот вид објекти при нивното отворање, ниту пак овие објекти во текот на работењето подлежат на инспекциски надзор од страна на овој орган – објаснуваат од Државниот санитарен инспекторат.

Одговор на прашањето зошто се отвораат и изнајмуваат продавници без санитарен јазол побаравме и од првиот човек на ГТЦ, но и оттаму не добивме.
Без оглед кој е одговорен за надгледување на состојбите, нормално е строго да биде утврдено дека секој што сака да отвори продавница или да ја изнајмува, објектот задолжително мора да има вода, односно санитарен јазол, независно дали ќе продава храна, обувки, книги или што и да е друго.