Фото: Игор Бансколиев

Од компанијата „БЕГ-снабдување“ информираат дека акцијата за бесплатен приклучок трае до 15 септември годинава, односно завршува утре. Од 16 до 30 септември корисниците ќе плаќаат 50 отсто од предвидените трошоци за оваа услуга, а од 1 октомври приклучувањето ќе се наплаќа во целост, во согласност со важечкиот ценовник.

Од БЕГ напоменуваат дека потрошувачите имаат и дополнителна поддршка преку услугата „Мој сервис“. Стручните екипи на „Мој сервис“ досега направиле над 4.000 интервенции. Најчести интервенции се приклучувања кон системот за централно греење, замена на грејни тела, интервенција на вертикалната инсталација во зградите, интервенција во плакарче, прочистување и увид во внатрешната инсталација итн.

– Пред почетокот на грејната сезона сѐ поголем е интересот кај правните лица и домаќинствата во Скопје за бесплатно приклучување кон системот за централно греење. Од почетокот на акцијата, во август годинава, до денешен ден, се пристигнати вкупно 270 барања за приклучок. Споредено со истиот период минатата година, интересот за приклучување кон системот за централно греење е зголемен за над 50 отсто – соопштуваат од „БЕГ-снабдување“.

Од компанијата тврдат дека трендот за повторно приклучување се должи на високиот комфор што го добиваат потрошувачите, за најдобра цена, во согласност со сите еколошки стандарди. Како резултат на континуираната модернизација на системот за централно греење, квалитетот на услугата е значително подобрен. Повеќегодишното подобрување на квалитетот на услугата и намалувањето на цената, која во периодот од 2013 до 2018 година вкупно се намали од 33 до 66 отсто, во зависност од категоријата на потрошувачи, очекувано го зголеми интересот кај потрошувачите за приклучување.

Како и вообичаено, пред почетокот на грејната сезона и пред вообичаените ладни проби на системот, граѓаните навреме треба да ги преземат потребните мерки за евентуална замена на вентили или други дефекти во цевководниот систем во своите домови, за да не дојде до настанување на евентуални штети. Како што е познато, официјално грејната сезона започнува на 15 октомври, а може и порано доколку се регистрираат пониски температури.