Фестивалот на улични уметници „Баскерфест“, кој се одржува 13-ти пат, во Скопје почна со дефиле на голем број различни уметници од Македонија и од светот. Оваа година се најавени повеќе од 20 точки на изведувачи од различни страни на светот, а посетителите ќе можат интерактивно да се вклучат во настаните. Уличниот фестивал ќе трае шест дена и сите програми ќе почнуваат во 19 часот.
Организаторите најавија голем број различни содржини за сите возрасти, односно за најмладите детска едукативна работилница наречена „Киндер парк“, едукативен дел со животни, како и интерактивни игри. На годинашниот „Баскерфест“ на програмата се најавени да учествуваат акробати, мајстори на борачки вештини, жонглери и многу други изведувачи од повеќе земји од светот.

Во рамките на фестивалот ќе има и интерактивни делови од програмата поставени на целиот плоштад „Македонија“, натпревар за креативни уметници, а по повод и Светското фудбалско првенство, ќе има и спортски дел за следење на натпреварите.
Фестивалот неофицијално почна со карван од Охрид, а уличното шоу ќе мине низ повеќе градови во Македонија во наредниов период.