За бандерите одговорни се операторите, но и градот и општините (Фото: Игор Бансколиев)

Од почетоков на годината досега познати се во јавноста два случаја на паднати бандери во Скопје. За среќа, во нив немаше настрадани, но сепак и во двата настана беше отежнато или запрено нормалното одвивање на сообраќајот на улиците каде што се случија инцидентите. Честите невремиња исто така се причина за паѓање на бандерите, а во едно скорешно, кое го зафати Скопје, имаше пријавени триесетина паднати дрвја и бандери. Овие случаи покажуваат дека е повеќе од потребно да се спроведуваат позачестени и рутински проверки при кои ќе се утврдува во каква состојба се бандерите, особено оние старите дрвени, кои од забот на времето скапале во земјата или веќе се навалени за да паднат. Според тоа, дотраените бандери освен што предизвикуваат проблем во сообраќајот, тие навистина претставуваат опасност по животот на граѓаните. Од некои од скопските општини велат тие се одговорни само за бандерите што се на општинските улици, додека за оние што се поставени на градските сообраќајници одговорен е, велат, градот. На некои од бандерите сопственици се кабловските и телефонските оператори.
Неодамна бандера го блокира сообраќајот на улицата Бутелска во населбата Бутел 1. Жиците од бандерата беа паднати толку ниско што ги спречуваа автомобилите и автобусите да се движат по оваа сообраќајница. Причините од инцидентот сѐ уште не се познати и никој ни по настанот не понесе одговорност, а камоли да излезе и јавно да каже зошто паднала бандерата.
– Споменатата бандера на улицата Бутелска е бетонска и најверојатно е на некој од операторите, градските столбови се метални во различни димензии и форми и исклучиво служат за осветлување на јавните површини – изјавуваат од градот Скопје.
Дали тоа значи дека бандерите што не се во надлежност на градот Скопје, доколку настане проблем, некој друг ќе треба да ги отстрани? Несоодветните бандери предизвикуваат опасност по животот на граѓаните и некој треба да го бележи и да го регистрира ова.
– Во конкретниот случај столбот не е во склоп на дистрибутивната мрежа на „ЕВН Македонија“, туку на еден од мобилните оператори. Санацијата или, пак, замената на оштетените столбови се прави по потреба, која се утврдува со инспекции, кои ги вршат вработените во „ЕВН Електродистрибуција“, вели Александар Ковачевски од „ЕВН Електродистрибуција“.

Во јануари во центарот на Скопје падна бандера сред улица. Беше објавено видео на социјалната мрежа Јутјуб каде што јасно се гледа паѓањето на бандерата. И во овој случај, за среќа, немаше повредени. Според општините, на чија територија се случија овие инциденти, одговорноста за одржување на бандерите на локалните улици им припаѓа на општините додека, пак, кога станува збор за бандерите на главните улици и сообраќајниците тие му припаѓаат на градот Скопје. Од општините и од градот Скопје велат дека сите процедури се применуваат и надлежните ги одржуваат бандерите, поточно задолжените фирми за одржување на осветлувањето и за поставување ново осветлување си ја вршат работата.
– При секоја поголема изведба на сообраќајни решенија се пристапува и на менување на светлосните столбови. Градот Скопје плански ги програмира активностите и при секоја поголема изведба на сообраќајни решенија работи и на менување на светлосните столбови, кои би требало да функционираат најмалку 3 до 4 децении. При реализацијата на програмата покрај тековно одржување на светлосната функција на столбовите се контролира и нивната состојба и дали некои се во фаза за нивно менување – велат од градот Скопје.

Од општината Бутел, пак, објаснуваат дека начинот на кој се пристапува на одржување на столбовите најчесто е по дојава од граѓаните односно ако станува збор за некаков дефект.
– Нашите институции реагираат по пријавените жалби од граѓаните, најчесто станува збор за дотраени светилки многу ретко за проблеми со столбот или инсталацијата на бандерата – велат од општината Бутел.
Од сето ова произлегува дека план за одржување на бандерите нема, а се реагира само кога има проблем. Дали бандерите се дотраени, во каква состојба се и дали треба да се сменат како воопшти и да не е толку важно, иако се тврди дека со секоја изведба на сообраќајни решенија се менуваат бандерите за осветлување. Но дали треба само тогаш, што е со оние општински улички на кои со години опстојуваат дрвените бандери и тие не се подложни на нови сообраќајни решенија, а на нив се приклучија и разни кабли со развојот на технологијата. Досега нема некакви посериозни последици настанати од бандерите, но, секако, за да се пристапи посериозно кон проблемот со уличните, особено со дрвените бандери, секако, не треба да падне човечка жртва.