Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, направи увид во градежните активности на трите проекти кои се реализираат со средства од Буџетот на Македонија преку Програмата за рурален развој. Станува збор за реконструкција на делницата Патишка река и село Дражилово, како и реконструкција на три улици во скопското село Долно Соње. Вкупната вредност на проектите е над 26 милиони денари.

– Овој пат со години беше во лоша состојба. Денеска е направен по сите стандарди, овозможивме населението кое е од мешан етнички состав да има добра инфраструктура и брз пристап до Скопје. Како Влада покажавме дека градиме едно општество за сите, реализираме во 80 општини над 200 проекти со вкупна вредност од 38 милиони евра. Со ова покажуваме дека сите граѓани во оваа држава ни се подеднакво важни, сите локални самоуправи сакаме да ги поддржиме со што овозможуваме младите да останат во родните места. Ете пример е и Патишка река каде има почеток на развој на рурален туризам каде во наредниот период ќе се зголемуваат сместувачките капацитети. Токму затоа потребни се овие проекти на Владата се со цел економски раст и развој на сите населени места и општини – истакна Бабовски.
Градоначалникот на Сопиште, Стефче Трпковски, истакна дека оваа делница секојдневно ја користат над 1.500 граѓани. Со реконструирањето на оваа делница, рече тој, граѓаните ќе може побезбедно и побрзо да стасаат во Скопје.

– Со задоволство може да истакнам дека Општина Сопиште има одлична соработка со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Оваа делница беша најоштетена, не беше реконструирана повеќе од 50 години. Со овој проект и поддршката на АФПЗРР, овозможуваме подобар транспорт, побрз проток на стока и услуги а со тоа и поквалитетни услови за живот во овој дел од државата – истакна Трпковски.

Заменик директорот на АФПЗРР, Авдул Селам Селами, најави дека ќе се реконструира Домот на културата во селото Сопиште, со вкупна вредност од околу 6,5 милиони денари.