Фото: Маја Јаневска-Илиева

Скопје блесна како никогаш досега и навистина е убава сликата што ја гледаме. Можеме ли и натаму да ја задржиме, за да го гледаме Скопје чисто и откако ќе заврши посетата на поглаварот на Римокатоличката црква. Ајде сите нека покажат повеќе милост и грижа за својот град да го поштедат од расфрлани хартии, најлони и догорчиња од цигари по сите јавни површини. Да го поштедат од преполни канти и контејнери со отпад, кој е расфрлан околу нив и насекаде по секој посилен ветер. Ако сите велиме дека Скопје никогаш не било почисто од сега, тогаш да не остане само на тоа да се воодушевуваме на оваа слика, туку ајде да ја зачуваме и градот нека ни биде чист како постојано да ни доаѓа папата.

Убаво е, навистина е убаво во централното градско подрачје да нема повеќе импровизирани семкарници, да се видат чисти малите канти за отпад, во кои често се фрлаше домашното ѓубре во полни најлонски ќеси. Убаво е да се видат тротоари без догорчиња од цигари, уредени зелени површини без ниту една хартијка на нив и паркови со цвеќе по кое никој не посегнал да го искорне. Убаво е да имаме чист и уреден плоштад, по кој нема да има улични кучиња, кои трчаат по граѓаните минувачи и по странските туристи. Сето тоа е убаво и уште поубаво би било оваа слика на чисто и уредено Скопје да ни остане и по заминувањето на папата. Да покажеме и повисоко ниво на култура и повеќе почит и љубов кон нашиот убав град.