Детскиот културен центар „Карпош“ со пренос во живо точно напладне во 12 часот, преку својата фејсбук-страница, денеска ќе ја одржи градската априлијада. Во услови на пандемија на коронавирусот, од ДКЦ велат дека на овој начин децата може да бидат дел од традиционалното одбележување на 1 Април, Денот на шегата и на смеата, и тие нема да ги запостават своите грижливо избрани маски.

– Во услови на пандемија нема да дозволиме најмладите да останат без прослава на најшарениот и најразигран ден во годината. Во овие услови, кога ни е најпотребно смеење, првпат на несекојдневен начин ја организираме априлијадата. Смеењето е здравје, а во моментот здравјето ни е најпотребно – велат од ДКЦ „Карпош“.