Фото: Маја Јаневска-Илиева

ЖЕШКОТО ВРЕМЕ ЈА ЗГОЛЕМИ ПОТРОШУВАЧКАТА НА ВОДА

Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи од каде што се најавуваат високи температури, кои деновиве ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени, како и податоците на ЈП „Водовод и канализација“ за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнуваат полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови, велат од јавното претпријатие „Водовод и канализација“

Наглото затоплување на времето и порастот на живата во термометарот до дури 40 степени Целзиусови, ги натера жителите на главниот град да се разладуваат полнејќи ги базените и прскајќи со црева во дворовите. Традиционално, како и секоја година, во овој период од годината се зголемува потрошувачката на вода, која на моменти и неконтролирано се троши и сето тоа како последица на несовесното трошење на водата од градската водоснабдувачка мрежа што е наменета за пиење.

НЕКОНТРОЛИРАНО СЕ ПОЛНАТ БАЗЕНИ И СЕ НАВОДНУВААТ БАВЧИ

Жешкото време беше доволна причина за нагло зголемување на потрошувачката на вода. Скопјани се обидуваат да се разладат на сите можни начини, па така сега речиси и да нема куќа во која има голем базен во кој децата и родителите се разладуваат на горештините.

Таква е сликата изминатите денови, вода има буквално насекаде во оние населби каде што поголемиот дел од објектите се куќи.
Од дворовите тече вода на тротоарите и улиците, а децата покрај базените полнат шишиња за да се прскаат.
– Премногу е топло за да шетаме, па морам некако да им најдам занимација на децата дома. Тоа во овие временски услови најчесто е базенот каде што со часови се занимаваат и играат. Летото е за тоа, за водени лудории и забава – вели Љубица Јовановска.

Некои од граѓаните реагираат на ваквото несовесно однесување на соседите. Велат дека од толку што неконтролирано се троши водата, на тротоарите и пешачките зони има буквално мали езерца поради кои не можат да се движат.
– Соседните неколку куќи имаат големи дворови и речиси преку целиот ден прскалките со вода им се вклучени. Поради тоа што земјата е веќе преполна со вода, таа истекува на тротоарите каде што буквално ги поплавува, а ние пешаците немаме како да поминеме преку нив. Да, топло е и јас го наводнувам својот двор, но за сѐ има време. Тоа најчесто се прави во вечерните часови, а не преку целиот ден – вели Борис Трајков.

„ВОДОВОД“ СО АПЕЛ ДО ГРАЃАНИТЕ

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје апелира до скопјани рационално и внимателно да ја користат водата во деновите со екстремно високи температури. Особено да се избегнува непотребно трошење на водата за полевање бавчи и ниви.
– Врз основа на податоците на Управата за хидрометеоролошки работи од каде што се најавуваат високи температури, кои деновиве ќе достигнат и над 40 Целзиусови степени, како и податоците на ЈП „Водовод и канализација“ за зголемена потрошувачка на водата, апелираме до граѓаните на градот Скопје за рационално користење и употреба на водата, односно да се избегнуваат полевање поголеми површини и непотребно трошење на водата за време на топлите денови – велат од претпријатието.

Оттаму потсетуваат дека дивите приклучоци се забранети со закон (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 23) и истите тие се утврдуваат од страна на овластен комунален инспектор на општината и на Градот (Закон за вода за пиење и одведување урбани отпадни води, член 37), врз основа на што за сите утврдени иматели на див приклучок ќе биде поведена прекршочна постапка за сторено кривично дело.
– Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот за водоснабдување и на квалитетот на водоснабдувањето до сите корисници во градот Скопје. ЈП „Водовод и канализација“ ги повикува граѓаните на одговорно однесување и регуларно поднесување барања за водоводен приклучок доколку за тоа имаат потреба. Апелираме до граѓаните на градот Скопје, доколку забележат див приклучок, истиот тој да го пријават на 023073 010, [email protected], www.vodovod-skopje.com.mk или преку мобилната апликација достапна за Андроид и иОС – информираат од водоводното претпријатие.